Ангела Миленковска Климоска е една од најмладите доктори на науки во Македонија, таа воедно работи и како универзитетски професор и освен во образовниот процес, вклучена е и во научно-истражувачка работа.
Според неа високото образование го трасира патот на една личност и е показател за истрајноста, трудољубивоста и љупобитноста на една личност и е правилен начин да се изградат ставови за важни општествени прашања.
Виското образование помага личноста да развие критичка мисла, да суди со аргументи и да го согледува општото добро во се што работи. Освен наставната и научната дејност, таа е посветена сопруга и мајка, семејна жена која со својот изглед, нега и имиџ поставува модни стандарди.

Како ја дефинирате улогата на женското лидерство денес и кои се најголемите предизвици со кои се соочуваат жените на раководни и академски позиции?
-Женското лидерство денес значи да се води со компетентност, емпатија и визија. Жените во академијата сè повеќе се носители на иновации, но истовремено се соочуваат со предизвици како стереотипи, притисок да бидат „совршени“ во секоја улога. Најголемиот предизвик е да се докажеш неколку пати повеќе од другите, и покрај тоа да останеш верен на сопствените вредности.
Колку беше тешко да се изгради академска кариера во период кога истовремено сте и мајка на мало дете?
-Искрено, тоа е најголемиот животен баланс кој човек го учи секој ден одново. Не можам да кажам дека е лесно, носи неизмерен замор, чувство дали доволно си посветена и бара многу дисциплина. Но, истовремено носи и сила, мотивација и јасна причина зошто вреди да се успее.
Како изгледа еден ваш типичен работен ден, колку часа дневно работите и како ги распределувате обврските?
-Денот започнува рано наутро го подготвувам мојот син Давид за на училиште, потоа јас правам утринска подготовка за моите предавања, консултации со студенти каде и го пијам првото кафе со моте драги колеги на Универзитет Скопје. Работниот ден често трае и до 10 часа, но се обидувам обврските да ги структурирам според приоритет, за што клучна е добрата организација.
Дали успевате да одвоите време за одмор и „исклучување“ од работата, и ако да – како го користите тоа време?
-Да, и тоа е неопходност, а не луксуз. Времето за исклучување го користам со семејство, со друштвото и со моите пријателки за добар концерт или дружба во некој убав ресторан. Научив дека одморениот ум е покреативен и посилен.

На што најчесто го трошите слободното време кога го имате – семејство, читање, патувања, спорт?
-Најмногу со семејството, тоа е мојата најголема поддршка и мотивација. Потоа шопинг, и секогаш наогам време за добар филм. Кога има можност патувања, затоа што тие ни отвораат нови хоризонти и не учат повеќе од било која лекција.
Јавноста ве доживува како секогаш негувана и стилски усогласена – како успевате покрај бројните обврски да одвоите време и за личниот изглед?
-Грижата за изгледот не ја доживувам како обврска, туку како почит кон себе. Не се работи за идеалност, туку за тоа да се чувствуваш пријатно во сопствената кожа. Малку време за себе секој ден прави голема разлика.По природа сум педантна личност и најважно ми е се да е средено и убаво.
Колку е важна грижата за себе, и физички и ментално, за една жена лидер и научник?
-Многу важна. Одговорноста кон студентите и колегите и бара стабилност, која почнува од грижа за физичкото и менталното здравје. Не можеш да водиш други ако не знаеш да се погрижиш за себе.
Какво е чувството да се биде млад доктор на науки во време на брзи општествени и технолошки промени?
-Тоа е истовремено чест, но и голема обврска да придонесеме со знаење, интегритет и иновации. Постојаната промена не инспирира да бидеме уште подобри и квалитетно да им го пренесеме знаењето на нашите студенти.
Што настојувате најмногу да им пренесете на вашите студенти – надвор од наставната програма и академското знаење?
-Да размислуваат длабоко, да бидат храбри и пред сè луѓе. Да веруваат во својата вредност, но и да знаат дека успесите се создаваат со труд, макотрпна работа и упорност.
Кoja е вашата порака до младите во 2026 година – што да не заборават, а кон што храбро да се стремат?
Не заборавајте кои сте и од каде доаѓате. Не губете човечност, чесност и љубопитност. Стремете се кон нови знаења, личен развој и создавање вредност за себе, за другите и за општеството. Бидете гласни, храбри и свои!


















