Секоја година студенти од Бугарија и Македонија ќе можат бесплатно да студираат на универзитети во соседната земја. Владите на двете земји ќе финансираат до четири стипендии кои ќе покриваат целосни дипломски или магистерски студии.

Ќе бидат обезбедени и пет стипендии за еден семестар. За нив ќе можат да се пријават оние кои сакаат да студираат на сите специјалности, освен медицинските и оние од уметноста и спортот.

Ова е предвидено со билатералната програма за соработка во областа на образованието, што денеска во резиденцијата „Бојана” ја потпишаа министерот за образование на Бугарија Николај Денков и неговиот македонски колега Јетон Шаќири, јави дописникот на МИА од Софија.

Со документот, Македонија и Бугарија се обврзуваат да обезбедат обука за најмногу тројца докторанти годишно. Ќе се обезбедат и средства за постдипломски квалификации за период од два до девет месеци. Се очекува ректорите на универзитетите да одржат заедничка средба на која ќе се разговара за можностите за заеднички истражувачки проекти и вмрежување во двете земји. Ќе се поттикнува образовната мобилност на студенти, наставници и истражувачи, како и научно-техничката соработка меѓу Бугарската академија на науките и МАНУ.