Со речиси две децении искуство во системот на социјалната заштита, Бисерка Јаковљевиќ е име кое се поврзува со посветеност, одговорност и длабоко разбирање на човечките судбини. Како директорка на Градскиот центар за социјална работа во Јагодина, но и како педагог, психотерапевтка, колумнистка и активистка, таа со години ја гради својата работа на спојот меѓу професионалното знаење, емпатијата и личната дисциплина.
Во ова интервју, Бисерка Јаковљевиќ зборува за предизвиците на системот на социјална заштита, за улогата на жените во раководните позиции, за важноста на семејната терапија, како и за личната сила потребна за работа што секојдневно допира до најранливите човечки приказни.
Вашиот професионален пат ги спојува педагогијата, психотерапијата, јогата, арт-терапијата и фенг шуи – како сите овие области се испреплетуваат во Вашата работа со луѓе?
-Сите овие области ги поврзува креативноста, духовноста и дисциплината. Вредности кон кои тежнеам целиот свој живот и кои, се надевам, еден ден ќе ги допрам во некаква за мене прифатлива форма.
Како директорка на Градскиот центар за социјална работа во Јагодина, секојдневно сте во контакт со различни судбини. Што го сметате за најголем предизвик, а што за најголемо постигнување во системот на социјална заштита денес?
-На чело сум на Градскиот центар за социјална работа во Јагодина цели деветнаесет години. Најголемиот предизвик и страв е да не се направи погрешна проценка и со тоа да се доведе во прашање нечии живот или интегритет. Ова е работа која никогаш не можеме да ја завршиме и која секогаш носи ексклузива или нешто сосема ново.
Често помислувам дека сè знам и дека сум ги видела и професионално искусила сите семејни и судбински ситуации, а потоа практиката ме демантира со нешто сосема ново и неповторливо. За најголемо постигнување го сметам и тоа што во овој период, по иницијатива на моите соработници и мене, градот ги прифати сите наши предлози, така што сме еден од ретките градови во Србија во кои постојат три дневни центри за деца и млади со аутизам, церебрална парализа и со комбинирани пречки.
Во 2008 година ја основавте Сигурната куќа во Јагодина, едно од првите прифатилишта за жртви на насилство во овој дел од Балканот. Колку од тогаш се промени положбата на жените кои преживеале насилство?
-Во 2008 година сè уште беше табу-тема јавно да се зборува за семејното насилство. Жените пријавуваа семејно насилство дури кога животот со партнерот стануваше неподнослив. Во првите години од нашата работа, Сигурната куќа постојано беше исполнета со корисници. Денес многу поотворено се зборува за семејното насилство, жените го пријавуваат насилството уште при првата појава во партнерскиот однос, а сè поотворено се зборува и за тоа дека и мажите можат да бидат жртви. Во меѓувреме беа донесени и нови закони кои подетално го регулираат и третираат семејното насилство, така што денес на насилникот му е јасно на кој начин ќе сноси последици од своето однесување, поради што бројот на корисници во Сигурната куќа е сè помал.
Кога зборуваме за жените кои работат во системот на социјална заштита – често тоа се жени кои се грижат за сите други. Кој се грижи за нив? Како Вие ја чувате сопствената сила и баланс во работа која е емоционално исцрпувачка?
-Тоа е прашање кое многу ретко се поставува и за кое, во принцип, не се зборува. Стресот е составен дел од нашата работа, а поддршката најчесто изостанува затоа што ретко се бара. Кога последиците од стресот стануваат видливи, обично веќе е предоцна.
Дали мислите дека на Балканот доволно се препознава улогата на жените во раководењето со институциите на социјална заштита и хуманитарните проекти?
Морам да признаам дека во последната деценија работите се движат во корист на женската популација и сè повеќе жени преземаат раководни улоги. Генерално, на Балканот жените се послабо платени од мажите и поретко поседуваат имот во сопственост. Но постојат и примери на исклучително успешни и ситуирани жени.
Во Вашата работа ја нагласувате важноста на системската семејна терапија. Што семејната динамика денес најчесто „разоткрива“ за современото општество?
-Најчесто откриваме дека актуелните проблеми навлегуваат длабоко во историјата на едно семејство. Семејството доаѓа кај терапевт со еден идентификуван проблем, но се покажува дека постојат многу потешки проблеми затрупани од секојдневието.
Често се покажува дека најкритикуваниот член на семејството, „црната овца“ на еден семеен систем, всушност е неговиот најквалитетен член. Улогата на системскиот семеен терапевт е да ги разоткрие сите конструкти, митови и наративи за да дојде до промени во рамките на семејното опкружување.
Колку, според Вашето искуство, граѓаните се отворени да побараат стручна помош од психолог или терапевт? Дали сè уште се соочувате со предрасуди?
-Тоа е индивидуален став кој не зависи ниту од степенот на образование, ниту од материјалниот статус. Едноставно, постојат луѓе кои се подготвени да побараат и прифатат помош и оние кои тоа не можат да си го дозволат.
Одамна се помирив со фактот дека постојат лица на кои не можеме да им помогнеме, колку и да се трудиме. Тоа, всушност, е и најголемата предрасуда во нашата работа.
Во текот на кариерата континуирано сте се усовршувале – од Холандија до Белград. Што би им порачале на младите жени кои денес го започнуваат својот професионален пат во областа на социјалната заштита?
-Млада жена која свесно донела одлука да се оствари во областа на социјалната заштита денес е реткост и заслужува признание за самата таа одлука. Ова е тежок пат, на кој мораме да се соочиме со фактот дека одлучуваме за човечки судбини и дека од нашата проценка понекогаш зависи и нечиј живот.
Одговорноста е голема, задоволството мало, а нашиот труд често се потценува и оспорува. Но, кога би можела повторно да бирам, повторно би ги избрала сите овие години во системот на социјалната заштита. Чувството дека на некои луѓе сме им биле корисни, дека се згрижени и дека им е добро благодарение на нашето залагање е непроценливо.
Како колумнистка и авторка на бројни текстови, често пишувате за човечката природа, семејството и меѓучовечките односи. Дали пишувањето за Вас претставува вид лична терапија, начин да ги канализирате искуствата од секојдневната работа, или простор да проговорите за теми кои во институциите често остануваат премолчени?
-Како искусен новинар, не изненадува што тоа го препознавте на вистински начин. Пишувањето за мене претставува бегство од секојдневието, активност која ми дава слобода каква што немам во работата и во секојдневниот живот, бидејќи мојот живот во сите аспекти е изложен под лупа на јавноста.
Кога ќе се осврнете на сè што сте постигнале – од професионалниот ангажман до семејниот живот – која е најголемата животна лекција што би ја споделиле со нашите читататели?
-Колку и да се чувствуваме денес тажни, промашени или изневерени, утре е нов ден и уште една шанса за нов почеток. Животот, всушност, е еден непрекинат синџир од нови и нови почетоци.
Понекогаш, но многу ретко и без најава, тие синџири одеднаш се спојуваат, но тоа се моменти кои не можете да ги предвидите или контролирате. Единствено што можете е да започнете нов синџир во својот живот, било на професионален или на приватен план.
Разговорот го водеше: Магдалена Стојмановиќ – Константинов


















