Зборот девијација обично го употребуваме кога сакаме да назначиме дека некое однесување отстапува од она што е просечно застапено. Просечно застапено однесување се смета за нормално, затоа што е „норма“ или барање од средината како треба поединците да се однесуваат.
Доколку еден поединец не се однесува во согласност со нормите на повеќето членови на заедницата, најверојатно заедницата, групата или социјалната средина воопшто ќе го етикетира како „девијант“ или „престапник“.
Во голем број случаи перцепцијата на социјалната средина и престапничкото однесува согласно правниот систем се разидуваат.
Понекогаш поединците кои не сакаат да се конформираат со правилата на заедницата ризикуваат да бидат нејзина девијација. Но, не мора секогаш да значи дека социјалната средина е нормална, а поединецот девијантен. Во многу случаи напротив средината е девијанта, а поединецот е нормален.
Доколку поединецот има доволно сила да остане доследен на рационалните и етички норми, а не на проформите од заедницата, може да успее да ја покаже девијацијата на социјалната средина или системот.
Кога една средина е девијантна за поединецот?
Средината користи софистицирани методи да го конформира поединецот. Во природата на човекот е да не ги прифаќа различностите на прва. Само еманципиран и свесен човек може да ја разбере суштината на различноста, а обично тоа се поединечни случаи, а не типични.
Средината најчесто влијае на потсвеста на поединецот со реченици во кои се крие насилство, преку ти пораки и покажување на доминација.
- Влијание кон потсвеста на поединецот
Често сте ги слушнале зборовите „Срам да ти е“ или „Не си способен за ништо“ и тоа можеби дури од родителите, браќата и сестрите кои во најмалата фаза од развојот имаат силно влијание врз емоцциите.
Средината вешто ги користи зборовите „Срам да ти е“ или „Не си способен“ без да има дополнителни објаснувања кои ќе го рационализираат или оправдаат нивниот суд на вашите постапки.
Тие едноставно знаат дека кратките зборови проследени со агресија силно влијаат врз вашето чувство на страв и влегуваат директно во вашата потсвест. Освен што сте исплашени, сте и збунети и подложни за контрола.
- Моќта на „ТИ“ пораките
Наместо средината да се изјаснува во прво лице еднина велејќи „Мене не ми се допаѓа твоето однесување“ тие вешто личните ставови ги објективизираат со употреба на речениците од типот „Твоето однесување е катастрофа“.
Експонирајќи го вашето однесување во фокусот, а не нивното мислење, тие се штитат себе од тоа нивната волја понекогаш и агресивна да биде прикажана и разјаснета.
Средината често користи зборови од типот на „Ние сме против твоите одлуки“ иако зборвува само еден човек и вешто вербално се крие зад мнозинството.
Тоа е само една од тактиките на поединецот да му се направи притисок доколку го убедат дека неговото однесување е девијантно само затоа што единствено и различно од онаа на средината.
- Покажување на доминација
Средината покажува доминација на два начина. Едниот е преку повторување, а другиот е преку прашување.
Доколку нешто правите и слушнете од друг „Чекај, чекај“, зошто мислите дека некој ви повторил да застанете со вашата активност ако е свесен дека вашиот слушен апарат добро функционира?
Од проста причина повторувањето е покажување на доминација. Доколку еднаш ви каже „Чекај“ вие ќе престанете веднаш со активноста и ќе покажете рационалност обидувајќи се да ги дознаете објективните причини за неговото барање.
Но доколку двапати ви го каже истиот збор, тоа значи дека сака да ви даде до знаење дека ПРАВИТЕ КАТАСТРОФАЛНИ работи од типот ќе активирате нуклеарка или ќе пуштите вселенски сателит да падне на Земјатаа.
Во суштина повторувањето е сосема непотребно и нема никаква смисла, освен лицето што ви го повторува да преземе доминација врз ситуацијата.
Вториот начин на покажување доминација е поставувањето прашања. Сигурно сте се нашле во разговор во кој од нигде никаде некој ќе почне да ви поставува прашања за кои вие сте шокирани од кај му е смелоста да ви ги постави.
Ако почнете да ги одговарате како на магарешка клуша влегувате во играта во која инспекторот ве држи на испитувачкото столче а вие одговарате пред авторитетот како да сте направиле кој знае какво кривично дело. Игнорирајте ги прашувачите или отстранете го нивното столче од вашиот личен простор.
Автор: Магдалена Стојмановиќ