Човекот е во постојана потрага по олеснителни околности и континуирано работи на исфрлање на товарот од својот живот. Поради тоа и постојат сите техники за јога, медитација, молитва и психолошки советувалишта кои ги учат луѓето како да се справат со товарот на животот.
Еден од своите најпознати романи, Милан Кундера го именува како Неподнослива леснотија на постоењето, генијално антиципирајќи ја контрадикторноста во потрагата по леснотија во животот. Ние бараме нашето опкружување да биде лесно, да можеме со луѓето лесно да функционираме, лесно да се договараме, лесно да се движиме, без мака да ги правиме работите кои сме ги испланирале. Но таа леснотија понекогаш е неподнослива.
Се сеќавате како Алберт Ками го завршува есејот за Сизиф. Иако Сизиф како митолошки лик кој е алегориска слика за секој човек, живее страдалнички живот туркајќи го каменот на врвот, кој повторно се тркала надолу и се до бесконечност, сепак „Патот до врвот е доволен да го исполни срцето со радост“, затоа не замислувајте го Сизиф (човекот) како несреќен лик, ни порачува Ками.
Каменот на животот многу лесно ја толчи леснотијата. Кога падот на каменот ќе ви нанесе повреди, допирот на оној кој ве повредил ви станува неподносливо болен. Како неговиот допир да ве тера одново и одново да ги доживувате истите трауми од болката и затоа се тргате од неговото тело, постепено, се додека целосно не го изолирате причинителот на болка. Луѓето се склони да повредуват и да се самоповредуваат, а самоповредувањето ни носи болка во телото поради што сакаме да избегаме и од нашето сопствено тело.
Понекогаш болката ослободува. Го знаете она чувство кога знаете дека ја носите вистинската одлука иако светот околу вас се распаѓа а вие знаете со извесност дека чекорите кон патот на слободата, вистината и праведноста? Таа болка е најубавата болка што може човечко суштество да ја плати како цена на своето достоинство. А достоинството е најубавиот атрибут што се огледува во болката која протекува низ погледот на едно „убаво“ и привлечно човечко суштество!
Автор: Магдалена Стојмановиќ