Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на склучените бракови во 2020 година, во споредба со претходната година, е намален за 25,6 проценти и изнесува 10.278.

Најмногу бракови, 1 423 или 13,8 отсто, се склучени во месец август, а најмалку во месец април, 162 или 1,6 проценти.

Најчесто е стапувањето во прв брак со учество од 94,1 процент за жените и 92,8 отсто за мажите.

Во втор брак со учество од 6,5 проценти и трет брак со учество од 0,6 отсто, во вкупниот број склучени бракови, почесто стапуваат мажите.

Во 2020 година, најголем број бракови, 3.380 или 32,9 проценти, кај жените се случиле во старосната група од 20 до 24 години, додека кај мажите се случиле 3.780 бракови или 36,8 отсто во старосната група од 25 до 29 години.

Просечната возраст при склучувањето прв брак е 27 години за невестата и 29 години за младоженецот.

Бројот на разводите во 2020 година бележи намалување од 21,2 % во споредба со 2019 година и изнесува 1.569. Во текот на годината најмалку бракови, 29 или 1,8 %, се разведени во месец мај, а најмногу, 199 или 12.7 отсто, во месец јули.

Според возраста, најголем број разводи се случиле во истата старосна група од 35 до 39 години, и тоа 278 или 17,7 процент кај жените и 262 или 27,7 отсто кај мажите.

Според траењето на баракот, најмногу разводи, 324 или 20,7 проценти, се случиле од 5 до 9 години по склучувањето на бракот.