ССМ информираат за законските одредби и правата на работниците во однос на годишните одмори. Имено, велат дека годишниот одмор може да се продолжи само со колективен договор, но најмногу до 26 односно 29 работни дена.

Критериумите врз основа на кои се определува времетраењето на годишниот одмор на работниците се утврдуваат со колективен договор, а меѓу нив спаѓаат: времето поминато во работен однос, условите за работа и други критериуми утврдени со колективен договор.

Како денови на годишен одмор не се пресметуваат празниците, саботите и неделите и слободните денови, отсуствата поради боледување, како и другите случаи на оправдано отсуство од работа.

Правото на годишен одмор претставува неотуѓиво право на работникот. Работникот не може да се откаже од правото на одмор и ништовна е каква било спогодба со која работникот се откажува од правото на годишен одмор – се вели во објавата на ССМ.