Американските научници кои ги создале првите живи роботи откриваат дека животните форми познати како ксеноботи сега можат и да се размножуваат, на начин кој досега е непознат кај растенијата и животните, пишува Си-ен-ен.
Формирани од матичните клетки на африканската канџаста жаба (Xenopus laevis) по која го добиле името, ксеноботите се помали од еден милиметар. Овие зрнца првпат биле претставени во 2020 година, откако експериментите покажале дека можат да се движат, да работат заедно во групи и да се лекуваат.
Како што пишува Си-ен-ен, сега научниците од Универзитетот во Вермонт, Универзитетот Тафтс и Институтот за биолошки инспирирано инженерство на Универзитетот Харвард објавиле дека откриле сосема нова форма на биолошко размножување, различно од кое било животно или растение познато на науката.
Мајкл Левин, професор по биологија и директор на Центарот при Универзитетот Тафтс, кој го предводел новото истражување вели жабите имаат свој начин на репродукција.
– Кога ќе ги одвоите клетките од остатокот од ембрионот и ќе им дадете шанса да разберат како да преживеат во нова средина, тие не само што ќе најдат нов начин да се движат, туку ќе најдат и нов начин за репродукција-истакнал професорот.