Сопственикот на туристичката агенција „Беса транс“, Беким Хаџиу, за првпат откако се случи страотната несреќа на автопатот „Струма“ во Бугарија, во интервју за бугарската „БНТ“ зборува за деталите околу патувањето и автобусот што изгоре, при што загинаа 45 луѓе.

Хаџиу вели дека автобусот поминал нa технички преглед пред да замине од Турција и се било во ред. Ја исклучува можноста некој од патниците има увезено запаливи материи. Хаџиу потврди дека и тој и неговото семејство биле дел од патувањето, но патувале со други автобуси.

Сопственикот на „Беса транс“ во интервјуто кажал дека досега не зборувал за медиумите бидејќи бил шокиран од тоа што се случило, но на секој начин соработувал со истражителите за да се утврдат причините за инцидентот.

Хаџиу вели дека автобусот бил произведен во 2007 година, но бил купен од неговата компанија пред околу три години. Според него, досега немало технички проблем со автобусот.

Си велев зошто не бев во тој автобус, да умрам и тоа си го кажав многу пати – вели Хаџиу.

На граница, на излез од Бугарија, тој дознал за автобусот.

Им реков да ме испратат на местото да видам со свои очи што се случило таму – додава Хаџиу.

Сопственикот на фирмата се качил со такси и се вратил на местото на несреќата.

Пред да тргнеме за Турција ги сервисираме, контролираме, па дури и кога ќе стигнеме до Истанбул и таму одиме на сервис да ги проверат, превезуваме патници, да видиме каква е состојбата. Се беше во ред и таму ни кажуваат доколку нешто не е во ред веднаш да го поправиме – објаснува сопственикот на „Беса транс“.

Беким Хаџиу рече дека во автобусот немало туби со нелегално увезено гориво. Поради темелните проверки на бугарските граници се исклучува можноста патник да внесе многу запалива материја, додава тој.