Ова ќе биде можеби најкраткиот Краток спој што некогаш сум го напишал…
Прво морам да му пуштам рака на Заев за лапсусот со деливери казината. Дечкиве што го спремаат пред да се појави на тв, според мене се генијалци. Си тресе Заев зелени, а неговите политички опоненти демек го шупчат на социјалните мрежи, без дури да сфаќаат дека со наметнувањето на ова шупчење се шупчат самите себе и забораваат да го притиснат премиерот за далеку поважни работи.
„Јас лично не сум знаел дека Струмичката болница нема возило. Директорот пријавил до службите, но тие не пренеле ни до мене, ниту до министерот Филипче“.
Оваа изјава на Заев од синоќешното интервју за тв Сител е многу пострашна од лапсусот за казината, но токму таа изјава помина меѓу капките.
Директорот пријавил за тоа дека е потребно амбулантно возило, но никој не мрднал со прст и мораше директорот после преку фејсбук да бара донации од граѓаните. Па го искараа од штаб, па ја избриша објавата и дури ако не се лажам се извини.
Драги мои Заевисти, антиЗаевисти, комунисти, атеисти и секакви други исти…
Жална е таа земја во која за време на пеколна здравствена криза, пријавата на еден директор за ново амбулантно возило се губи некаде во пустината, а ние се фаќаме на орото на премиерот да се смееме на неговите зелени. Жална е!
Па да прашам онака додека листам за нови досетки околу деливерито…
Ќе сноси ли некој одговорност за незавршена работа?
Ќе има ли некогаш метла за неписмените партиски војници и комуњари и вмровци, кои ги запоседнаа државните канцеларии?
Ќе се научиме ли еднаш засекогаш дека патриотизам не е да ги нарекуваме Бугарите татари, а Бугарките евтини курви, туку да бараме од тие кои земаат плата од нашите пари, совесно да си ги извршуваат обврските?
„Метлата“ на Заев ја видовме колку е страшна, Нина и Садула од министри ги „измете“ во одборот на директори на АД Македонски телеком…
Продолжете да му се смеете на Заев за зелените што ги тресе. После него ќе дојде следен што можеби ќе ги продава истите фори. Бидејќи шемата работи како перпетум мобиле.
Тие си ги продаваат форите, а вие си ги чекате пасошите… бугарските. За да избегате од лудилото зачинето со свежите досетки за лапсузите на високите државни раководители, кои сами си ги бирате на избори.
Продолжете со смеење.
Автор: Атанас Величков