Имајќи го предвид брзото пополнување на болничките капацитети го активиравме нашиот план за обезбедување дополнителни капацитети и сега целата зграда за Интерни клиники ќе биде наменета за третман на пациенти со Ковид-19, рече денеска на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

Посочи дека во овој момент целосно се исполнети капацитетите на Инфективната клиника, модуларната болница, а исто така сега е во функција ставена институцијата Центарот за белодробни болести каде се уште има капацитети и каде може да се сместат пациенти.

Гледајќи го напливот и притисокот се активираше планот за Интерните клиники од приземните спратови каде се клиниките за дерматологија и неврологија, понатаму горните спратови каде што се клиниките за гастроетерохепатологија, ревматологија и нефрологија. Тука го имаме предвид и делот за дијализа, како и клиниките за оториноларингологија и очни болести, истакна Филипче.