Семејството е клетка на едно општество. Од изгледот на семејствата зависи колку ќе е прогресивно и стабилно и општеството.
Но и обратно. Општеството и општествениот однос кон семејството и семејните вредноси, односи и структури има силна рефлексија врз современиот изглед на семејството.
Семејни односи со кои расчистивме во последите 10 години:
- Стриктна поделба на улоги
Додека пред една деценија, правосмукалката и машината за перење беа „шпанско село“ за еден маж, денеска е сосема нормална поделбата на обврските во домаќинствто на рамноправен начин.
Жена што менува сијалица или го бојадисува домот, не е ретка слика, како што не е ретка слика и на маж кој држи крпа и внимателно ја отстранува прашината од површината на мебелот.
Стриктната поделба на машки и женски работи остана во заборав, сеќавање и традиција која е за луѓе кои претендираат да бидат ретро и демоде.
- Гржата за децата
Пред 10тина години грижата за децата ја преземаше поширокото семејство, обично баби и дедовци, или чичковци, стрини, вујковци, понекогаш комшии или повозрасните деца се грижеа за помалите.
Денеска грижата за децата ја преземаат само родителите кои понекогаш и ретко имаат помош од семејството или од дадилките.
Во минатото концептот за приватност не беше толку широко прифатен, па поширокото семејство живееше во голема заедница, за разлика од денеска кога сон на сите млади партнери е што поскоро да се осамостојат и да основаат свое домаќинство и семејство во кое приватноста на поединците ќе биде приоретизирана.
Старите луѓе и пензионерите кои во минатото трчаа по внуци и ја преземаа грижата за децата, сега имаат разни здруженија за социјализација, се посветуваат на патувања, социјални игри и слично и одбиваат да го посветат животот на чување деца (обврска која тие веќе одамна си ја завршиле со одгледување на своите деца).
- Однос на брак и дете
Ако пред десетина години беше несфатливо партнерите да не бидат во брак, а да се одлучат да имаат заедничко дете, сега е тоа сосема нормално.
Грижата за детето и родителството е одделен концепт од бракот.
Бракот е граѓанска заедница во која постои договор помеѓу партнерите за вршење одредени функции, но ако поединците се чувствуваат доволно способни да бидат самохрани родители за пофалба е ако се одлучат да имаат дете.
За волја на вистината некои деца на самохрани родители се многу задоволени емоционално, социјално, финансиски и материјално отколку деца на родители кои се во брак.
- Планирани семејства
Ако пред десетина години се знаеше каква ќе е вашата иднина кога е семејниот живот во прашање, денеска диверзитетот на семејствата е многу поголем.
Во минатото мама и тато со две дечиња беа репрезентативна парадигма за едно семејство.
Денеска идејата за тоа какво ќе биде вашето семејство е оставена само на вас и на вашите избори.
Застапени се и семејства со многу деца, семејства со по едно дете, семејства во кои децата растат со родители кои се во партнерски однос на вонбрачна заедница и сл.
Секое семејство се раликува помеѓу себе и за ниту едно не може да се каже дека е подобро или полошото во пракса споредено со друг урнек.
- Време за семејство
Порано беше сосема нормално општеството на разни начини да ви ја наметнува идејата за „идеално време за семејство“, но денеска не е така.
Идеално време за семејство не постои од причина што обврските во семејството ги преземате вие и само вие, немате помош од родители, сестри, браќа и фамилија до трето колено со која живеете под заеднички кров или барем во ист двор.
Затоа никој нема право да ви сугерира кога вие сте ментално, емоционално и финансиски подготвени за семејство. Тоа го знаете само и единствено вие и вие ја носите одлуката за тоа кога е „вистинското време“ за основање на семејство.
- Односот на семејствата кон болни деца
Во минатото кога ќе се роди болно дете во семејството, чија болест е генетски детерминирана, семејството се чувствува стигматизирано и посрамено.
Раѓање на болно дете во семејството автоматски значи крах на целото семејство.
Наместо да се обратат за помош и да ја добијат истата, членовите на семејството чувствуваа срам, угнетеност, страв за иднината, дури и поради недостатокот на социјални контакти и обраќања за помош, ги запоставуваа своите деца во чии развој можеле да подобрат нешто доколку не ја доживуваа болеста како срам и ја држеле како семејна тајна.
Денеска раѓањето на болното дете во семејството е дополнителен предизвик родителите да му се посветат на детето многу повеќе, да му пружат поголема нега и љубов, да учествуваат во неговиот раст и развој, да бараат помош од другите луѓе.
Одгледување на едно болно дете многу повеќе ја отсликува родителската пожртвуваност и тој родител наидува на голема почит и восхит, а детето на уште поголема љубов и наклонетост од другите.
Заклучок
Не постои идеално семејство, човечките односи не се редуктибилни на математички операции и нив не можете да ги сместите во правила и конвенции колку и да се обидувате.
Едно здраво семејство зависи од тоа колку поединците кои се основачи се свесни, одговорни, совесни и креативни да создадат поволна емоционална, финансиска и безбедна атмосфера во која ќе се одгледуваат децата.
Едноставно современието што би рекол современиот социолог Зигмунд Бауман е засновано на „флуидни односи“, или односи помеѓу луѓето кои постојано се менуваат, а како се менуваат односите помеѓу луѓето, се менуваат и формите, групите и институциите кои тие ги градат, се менува и идејата за тоа што е човек и како што вели една народна поговорка „Кој знае зошто е тоа добро?“.
Автор: Магдалена Стојмановиќ