Здравствените власти и епидемиолозите за кратко очекуваат и уште еден, петти бран во есенско-зимскиот период, но сметаат дека тој нема да биде многу силен.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера посочи дека има тренд на опаѓање на бројките на новозаразени со коронавирус. Изрази и очекување дека ќе продолжи да спласнува овој бран на епидемијата.

Тој рече дека се намалува и факторот на преносливост на вирусот, а посочи дека почнува да се смирува и ситуацијата во Тетово.

Епидемиологот Драган Даниловски вели дека врвот на летниот бран е достигнат на 26 август. Според него, тогаш ефективниот репродукциски број бил 1.

Оттогаш тој опаѓа. Бранот стивнува постепено. Тоа е евидентно и од дневните бројки на новозаразени. Тој тренд ќе почне да се регистрира и за смртните случаи за околу една недела – вели тој.