Владата донесе Одлука за дополнување на Одлуката за посебни услови за трговијата на одделни стоки со што, по предлог на Министерството за економија, се замрзнува маржата и за млечните производи: урда, крајво бело сирење и мешано бело сирење, кашкавал, кисело млеко и павлака и јогурт.

За овие производи се ограничува највисока трговска маржа до десет проценти во трговијата на големо и трговијата на мало.

При редовна контрола на Државниот пазарен инспекторат во трговијата на мало и трговијата на големо, според информацијата од Министерството за економија, укажано е на потребата од интервенција кај наведните стоки, поради растот на нивните цени.

Како што е познато, од 14 јуни 2022 година, утврдено е замрзнување на маржите на основните прехранбени производи: леб (бел), шеќер (бел), сончогледово масло за јадење (без ладно цедено масло), брашно од пченица (тип 400 и тип 500), макарони и шпагети од тврда пченица, македонски бел ориз и трајно кравјо млеко со масленост од 2.8 проценти, 3.2 процента и 3.5 проценти, со трговска маржа со важност до 31 декември 2022 година, наведува Владата.