Во македонското општеството, најголем број на луѓе се жртва на идејата дека нашите постапки немаат вредност надвор од оценката која ќе ја даде општеството. Општествата имаа свој систем на валоризација на однесувањето на поединците пренесуван преку фрази кои започнуваат со глаголот: „Треба“. Гржата за моралот во општеството ја преземаат конзервативни структури и институции почнувајќи од црквата, па на микро ниво до бракот и семејството. Ние сме полна торба на „треба“ општество, а тоа го покажуваат и истражувањата во која младите луѓе повеќе веруваат во Црква отколку во наука. Затоа не треба да ве чуди што Иван исцелител има повеќе пари од еден просечен хирург во Македонија и што децата прво се носат на бајачка, па кога ќе дојде нож до коска, дури тогаш на лекар. И лекарот да го спаси животот, ќе слушнете приказни дека и бајачката имала удел, оти без неа лекарот не би можел да го спаси животот на детето.
Само во Македонија колку е нешто постаро, од некое прошло време, толку повеќе се поврдува неговата вредност и вистинитост како патува низ времето. Одржливоста на поранешното укажува дека идејата како патува низ време останува иста и отпорна на промените, тоа може да значи дека таа е безвременска и универзална, но може да значи и дека сме прилично затуцана колективна свест која нема развој и не реагира на новите предизвици кои ги носат новите времиња.
Како најголема скала за оценување на дело или постапка е реченицата, „а што ќе речат комшиите“. Секако комшиите се метафора за луѓе од блиско физичко опкружување кои сведочат на нашите постапки. Комшиите се во суштина сведоци на нашите настани, па затоа кога ќе се случи некое дело внатре во домот, луѓето инсистираат да го скријат од сведоци затоа што се плашат дека ќе наидат на осуда. Како резултат на полтронизирање на таквите идеи многу жени во Македонија биле жртви на семејно насилство и никогаш не го пријавиле насилникот.
Постои една шеговита, но многу вистинита поговорка: „Женете се и мажете се, ако не поради себе, тогаш барем поради комшиите“. Дури и најважните животни одлуки кои мора да се интимни и индивидуални во нашата малограѓанска средина се колективни одлуки, при што се ставаме себе и сопствената благосостојба на последно место. На многу луѓе им е порадо да го потрошат животот во „неподнослива леснотија на постоењето“ отколку да преземат одговорност, лидерски потег или да внесат промени. Еден живот во милијарда копии. Раѓање, детство, школо, факултет, работа, женење/мажење, деца и смрт. И додека гледаме футуристички филмови во кои луѓето се препознаваат по сериски број на градите, немајќи име и сме загрижени како е можно во иднината да го згубиме својот персоналитет и личен идентитет не сфаќаме дека токму сега нашите лични имиња се сосема непотребни. Тие не треба да не разликуваат од другите, бидејќи со најголем број на други луѓе, ние сме исти.
Ако нешто е различно во оваа средина, тогаш веднаш по автоматизам се прогласува за лошо бидејќи ги пореметува плановите на луѓето кои сакаат удобство и не се подготвени да носат промени во своите животи. Тие ќе прифатат се, и насилство, и тешка физичка работа, и манипулација, и омаловажување, и неправда, но никогаш нема да се осудат на бунт бидејќи бунтот ќе ги натера да размислуваат, а размислувањето, посебно со своја глава е многу тешка егзистенцијална состојба, многу потешка и од глад и од жед и од модрици.
Си патиме од комшиите, или од нашите глави во кои постои стравот од комшиите. Дури и воспитниот модел ни е погоден за создавање на репликанти. Во македонскиот воспитен систем најповторувана реченица е: што за сите тоа и за тебе. На тој начин децата од мали нозе се воспитуваат да не помислуваат на барање алтернативи, туку да се идентификуваат со мнозинството од групата во училиште, врсничката група, колегите од работа и сл.
Во Македонија доминираат три воспитни модели:
- Воспитните модели според кои се воспитувани нашите баби и дедовци
Луѓето родени пред 1944 година во Македонија, биле дел од многудетни семејства. Поради недостаток на медицински средства и карад, голем број на децата умирале од страшни епидемии. Родителите не воделе контрола на раѓање на децата и контрацепцијата била непозната појава. Иако не постојат официјални статистики, пред 1944 година во Македонија постоела голема стапка на чедоморство. Родителите на нашите баби и дедовци биле во главно „laissez-fair“ односно немале многу време да посветат на раст, развој и воспитание на своите деца. Напротив во тој аграрен систем, голем број на деца значело и поголема работна сила која може да ги обавува земјоделските работи. Децата се сметале за човечки труд, а не за плодови на некоја голема романтична љубов.
- Воспитни модели на нашите родители
Поголем дел од нашите родители, луѓето родени по 1944 година, се југословенски тип на родители. За нив е својствено тоа што не посветуваат многу внимание на развој на своите деца, туку голем дел од социјализацијата на децата се обавува во рамки на врсничката група (на улица, во маало и сл.). Ако детето направи нешто непожелно, тогаш родителите применуваат телесни казни што често преминуваат и во класично насилство. Ако паднете од велосипед, не само што ќе ги носите повредите затоа што сте паднале од велоспиед возејќи по стрмина, туку и ќе добиете шлаканица бидејќи сте го направиле тоа што природно сте требале да знаете дека не треба да го направите и покрај тоа што никој не ви вршел надзор. За југословенскиот тип на родители е многу поважно детето да биде добро за комшиите, отколку за самото себе и за нив.
- Воспитните модели на современите родители
Современите родители се прелиберални. Тие на децата им ги почитуваат правата, но и несвесно ги ставаат на пиадестал градејќи егоистични поединци што се целосно зависни од родителски надзор, љубов и грижа. Современите родители имаат поздрави и поблиски односи со своите деца, но децата се справуваат со ризик да се помалку самостојни и помалку снаодливи во средината кога родителот не е присутен.
Македонија буквално е запоседната од комшиите. Внтре на културно ниво од судот на комшиите, но и од надворешните комшии – Бугарија, Србија, Албанија и Грција, кои не престануваат да бараат проблеми каде што ги нема. Општа комшиофобија владее во Македонија додека врвот на воспитното достигнување кај нас се мери во тоа колку љубезно ќе му кажеш „Добар ден“ на твојот комшија. Не е ни чудно што патиме од параноја, дали некој не гледа кога излегуваме на улица, што имаме на јакните, како сме облечени, и како ја местиме насмевката. Просто имаме чувство дека „Големиот комшија“ не следи во секој чекор и точно е дека не следи, додека ние го следиме него, дали тој нас не следи, а тој не следи нас дали ние него ќе го следиме додека тој нас не следи!
Автор: Магдалена Стојмановиќ