Лидерите на голем број земји ќе се соберат во Глазгов во следните две недели за да разговараат за тоа како светот може да ја запре климатската криза и да ги избегне потенцијалните катастрофални последици што ги носи наглото зголемување на просечната глобална температура, пишува Килма101.

Самитот во Глазгов е поважен од претходните бидејќи го означува моментот кога според договорот направен во Париз во 2015 година, земјите треба да ги зголемат амбициите и да разговараат за нивните нови планови за намалување на емисиите на стакленички гасови.

Според Клима101, фокусот ќе биде ставен на неисполнетото ветување на побогатиот дел од светот да им обезбеди на земјите во развој најмалку 100 милијарди американски долари годишно за спроведување мерки за ублажување на климатските промени и прилагодување на новите климатски услови.

Исто така, се очекува да се конкретизираат напорите за поставување поамбициозни цели за оставање на јагленот како извор на енергија, како и да се собере поддршка за нова иницијатива која посвети посебно внимание на намалување на емисиите на метан во следните 10 години.