Европската агенција за лекови (ЕМА) ќе донесе одлука за одобрување на Спутник В, руска вакцина против коронавирусот, најрано во првиот квартал од 2022 година, бидејќи се уште нема доволно податоци, изјави денеска извор кој е запознаен со тоа прашање.

Одлуката на ЕМА до крајот на годината сега е целосно невозможна – истакна изворот.

Доколку бараните податоци стигнат до крајот на ноември, „тогаш регулаторите би можеле да донесат одлука во првиот квартал од следната година“, додаде изворот кој сакаше да остане анонимен.

ЕМА започна официјално тестирање на руската вакцина во март. Претходно се очекуваше дека ќе ја одобри вакцината Спутник В во мај или јуни.

Резултатите од третата фаза на клинички испитувања објавени во февруари во медицинското списание Lancet покажаа дека вакцината е речиси 92 процента ефикасна. Русија подоцна објави дека е 83 отсто ефикасна против делта сојот на коронавирус.

Вакцината веќе се користи во Русија и е одобрена во повеќе од 70 земји. Изворот нагласи дека нема причина за сомнеж во нејзината ефикасност или безбедност.