Мудроста вели, во некои од човечките работи подобро е најпрво да се обидете да го разбудите ангелот во луѓето, отколку да го истерувате ѓаволот од нив. Мислам дека ситуацијата со Ембла е токму таква.
Луѓето може три дена да се пенат по социјалните мрежи, да држат морални и морализаторски лекции, да ги спалуваат родителите на останатите дечиња како себични или затуцани монструми, а богами и нивните дечиња како такви. Тоа секако да ги поттикне институциите на драстични реакции, оти и тие се чини делуваат само по и во афект. Може ќе делува и дека е остварена победа, обезбедено прифаќање на Ембла, да биде вклучена во наставата со останатите. И, откога ќе помине тоа чудо за три дена, ќе се премине на друга тема.
Но, тоа не важи за Ембла и нејзиното семејство. Тие и натаму ќе треба да живеат во истата средина и меѓу истите тие луѓе. Вака како што се тера, не ми е јасно, како некои сериозно мислат дека тие ќе бидат вистински прифатени? Дека другиве ќе ги отпоздравуваат на улица, во продавница? Дека другите дечиња ќе ја прифатат и дружат Ембла, ќе ја канат на своите родендени и во другите свои игри?
Да, од страв за истерување на ѓаволот секако ќе се запази вклученоста во наставата по форма, но за суштината и се’ другото можно е фрижидер потопол да им се учини, и тоа како поблагиот можен иден развој.
А може и поинаку, баш како пишав почетно, трпеливо да се апелира и работи на ангелот во луѓето, а и да се разбере од каде и зошто вака нешто лошо се истерало. Мене ми стои дека неќе да е само од предрасуди и лошотилоци.
Од тоа што прочитав, главната убеденост на жигосаните за монструми е дека детето со даунов синдром ефективно го нарушува процесот на образование на нивните деца.
Зад тоа има страв и загриженост дека наставниците диспропорционално се фокусираат и ангажираат околу Ембла, дека се дефокусирани заради неа, а дека другите деца се и ќе бидат запоставени.
Дали е можно вклученоста на Ембла да не се одвивала на начин тоа да биде исклучено? Дали е тоа за игнорирање, како нелегитимно? Не треба исто да се адресира, туку само да се заќути и застраши, и решен проблем, пуф?!
Може така, ама кај оние постмодерни позераи, каде нивните субјективизми и умислени шеќерни „социјални конструкции” се креваат на степен на факт и реалност, ма за супститут нивен. Нека цркнат фактите и реалноста, па и оние за специфичностите, посебните образовни стандарди и внимание, специјализираните ангажмани што се потребни за овие деца, во различен степен, зависно од случајот, и дека сето тоа може да вклучува сериозни импликации за другите деца, па затоа и има експертизата развиено образовни протоколи како-што за истовремено да се обезбеди вклученост, но и подеднакво внимание и квалитет за другите деца.
Тие родители треба да се седнат и да им се објасни дека тоа е можно, дека нивните стравови и грижи се без основа, па дали и ако се’ е запазено по стандардите за таквите образовни ситуации. Да им се објасни дека сознанијата кажуваат дека е подобро за Ембла да учи со другите дечиња, а дека тоа е можно да се реализира без ништо лошо во однос на динамиката и квалитетот на образование, а и вниманието што нивните деца ќе го добиваат, дека има начини како тоа да функционира, дека така функционира насекаде, не е тоа така само за кај нив.
Може треба да се поканат и показно да видат, како тоа се тера и ќе се тера, да се уверат. Може треба да се седнат сите родители заедно, и секој да си ги каже своите стравови, дилеми, воочени проблеми, од двете страни на приказната, што да не и во некоја понеформална атмосфера.
Ако им се пристапи на прав начин, повеќето родители од петицијата ќе разберат. Јас лично не мислам дека е основано одма да се скока во сите оние тешки квалификации што им ги прикачија, како и дека повеќето се автентично, иако можеби неинформирано, загрижени за образовниот процес на нивните деца, а не дека децата како Ембла им се проблем, сам по себе, како различни и специфични по своите образовни потреби. Ако се поработи на тоа, ефектот нема да биде само со остварување на формална вклученост, туку и вистинско прифаќање, па и поддршка и помагање.
Секако, не сите луѓе во себе ги имаат ангелите, без илузија и за тоа, но затоа – потоа, само откога ќе се направи напорот за оние кои ги имаат. Оти, пишав, сите таму и натаму ќе треба да живеат заедно во и вон училиштето. Ако ништо друго, она што е извесно, ѓаволот во себе го имаат сите, ама е многу неумно прво него да го претпоставиш, приоретизираш и дразниш.