Дина Дума е една од најуспешните режисерки на младата генерација во нашата држава. 

Дипломирала филмска и тв режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 2014 година, а во 2016 била дел од програмата Берлинале талентс.

Најпрепознатлива е по нејзиниот дебитантски, долгометражен игран филм Сестри (2021) кој премиерно беше прикажан на филмскиот фестивал Карлови Вари во натпреварувачката програма East of the West и ја освои специјалната награда од жиритo. Сестри е исто така првиот македонски филм кој се прикажува на Netflix.

Во интервјуто за Мој збор Дина Дума ни откри како е да се биде режисерка во Македонија каде што мал процент на жени се режисерки и продуцентки, ни одговори на прашањето што е важно за успех на еден филм и кои услови се потребни за развој и подобрување на состојбите со кинематографијата во Македонија.

  • Две жени ги влечат главните конци во реализацијата на филмот, ти како режисерка и Марија Димитрова како продуцентка. Имајќи предвид дека во Македонија има многу малку женски режисерки и продуцентки дали конечно на жените им дојде времето да се искажат во главните позиции во креирање на филм. Какво беше твоето искуство?

Дина Дума: Искрено се надевам дека Aгенцијата за филм ќе продолжи да поддржува се повеќе режисерки и продуцентки. Јас сум трета режисерка што снимила долгометражен игран филм во нашата земја и искрено се надевам дека оваа бројка ќе се смени и ќе порасне.

Има тенденција да се прикаже дека жените се еднакво застапени во филмската индустрија на светско ниво, но апсолутно не е така.

Лесно е да се направи илузија дека е различно, со прикажување на изолирани случаи, но треба да се погледне статистиката, а таа кажува дека нема родов баланс во филмската индустрија, соодносот е 20 со 80%.

Во нашата земја жените не се присутни во јавната сфера на општеството, но не се присутни ни на авторските позиции во филмската индустрија. Промените во едно вакво младо општество како нашето не се случуваат брзо. Со самото тоа што агенцијата за филм финансира филмови од женски авторки се гледа дека работите почнуваат да се менуваат.

  • Дали можеби филмот значи создавање на нов јазик, нов концептуален апарат, нов инструмент и нова методологија за пристапување кон релевантни појави од животот на поединецот и на одредена општествена група?

Дина Дума: Филмот не значи нов јазик, но значи доближување и отварање на различни нови светови кои ги немаме искусено и кои можеби ни се непознати.

  • Колку технологијата влијае врз естетиката на филмот? Дали Македонија како подрачје, со актуелните продукции и опрема за создавање на филмови е способна да произведе некој сериозен СФ од типот на „Матрикс“? И колку состојбата во продукциите и продукциските капацитети ја детерминираат твојата работа како режисер? Дали продукциските капацитети и можеби недостатокот на соодветна техника и технологија ги ограничува режисерските обиди и идеи?

Дина Дума: Финалниот продукт зависи од буџетот. Ограничениот буџет, посебно за дебитански филм носи предизвици и пречки кои го отежнуваат процесот.

Во нашата земја е невозможно да се продуцира филм како „Матрикс“, но и сметам дека нема потреба за тоа, ниту има буџет и капацитет. Ние сме млада кинематографија која се уште си го бара своето место, простор и признание во светот.

Не би можеле да направиме блокбастер, исто како што никој освен Холивуд не може да направи.

  • Кој аспект во создавање на филмот ти е поважен улогата и развојот на ликовите (психолошкиот, субјективен аспект) или прикажувањето на дејството и течението на времето преку објективни (надворешни) показатели?

Дина Дума: Секој проект е различен и зависи за каков пристап ќе се одлучи режисерот.

Во филмот „Сестри“ за мене беше најважна психолошката состојба на ликовите и промените низ кои поминуваат.

  • Создавањето на филмот е дел од реализацијата на уметникот – режисерот, но општиот впечаток е дека во Македонија има продукција на филмови, но не се доволно комерцијализирани. За пример филмот „Сестри“ е првиот македонски филм на Netflix. Колку е важна правилната дистрибуција за филмот да ја добие својата вистинска вредност и дали тебе како режисер добрата дистрибуција на филмот ти е поттик дополнителен во создавање на нови филмови?

Дина Дума: За жал многу македонски филмови немаат дистрибуција во сопствената земја и филмовите не стигнуваат до таргетираната публика. Секако дистрибуцијата на Netflix ме поттикнува и ме мотивира да размислувам за идни филмски проекти.

  • Камерата точно го фокусира дејството и создава специфичен амбиент во кој се случува приказната. Колку претходната соработка со кинематограферот Наум Доксевски придонесе филмот да биде снимен со вистинскиот ракурс?

Дина Дума: Претходните соработки со Наум ни помогнаа многу, затоа што ние работиме уште од заедничкиот дипломски филм и добро се познаваме и приватно и професионално. Кога работам со Наум никогаш немам сомнеж за резултатот кој ќе го добиеме на крај.

Во подготовките на филмот посветивме долго време за да го пронајдеме визуелниот начин како да ја раскажеме оваа приказна. За мене беше најважно камерата секогаш да го прати главниот лик и да ја долови емотивната состојба, камерата да ја прати актерската игра, а не обратно.

  • Играта на главните ликови е многу природна, кои истовремено успеваат да ја доловат и емоцијата и да ја изразат внатрешната драма. На кој начин се одвиваше комуникацијата со Антонија Белазелкоска и Миа Жиро во текот на снимањето?

Дина Дума: Уште додека го пишував сценариото знаев дека за да ја постигнам автентичноста на светот на адолесцентите ќе биде потребно да кастирам тинејџери кои нема да имаат претходно искуство со глума и снимање. Иако беше огромен ризик, бев свесна дека токму оваа одлука е клучна за да го постигнам натуралистичкиот пристап кој сметав дека му е потребен на филмот.

За мене ова беше целосно нов пристап, досега не сум работела на овој начин. Ми беше важно девојките и целата актерска екипа која учествуваше во филмот да допринесат до приказната со сопствени искуства.

Со Миа и Антонија поминавме три месеци во подготовки, зборувавме за нивни лични искуства кои се инфилтрираа во приказната, заедно пробувавме техники на импровизација.

Одлучив дека нема да ги оптоварувам со сценариото, па имаа дозвола да го прочитаат само еднаш, а кога излеговме на сет ги водев низ секој кадар и секоја состојба.

Интервјуто го спроведе: Магдалена Стојмановиќ