Творештвото на македонската уметница Марина Лешкова (родена 1957 во Скопје) вистинското свое место и значење го добива низ својата неколку децениска работа во чие долгогодишно создавање може да се проследи едно континуирано ликовно-естетско изразување. Нејзиниот богат опус претставува една суптилна приказна е поврзана со индивидуална надреалиситчка поетика која добива нов ликовен израз во нејзиниот поглед на воспримање на нештата.
Меѓу поновите нејзини остварувања се издвојуваат делата под наслов „Приказната за изгубениот рај”, во која е јасно читлив нејзиниот сликарски ракопис отелотворен во стилот на експресионистичката апстракција. Во овој контекст јасно се испреплетуваат две битни компоненти: ирационалното-кога уметникот непосредно го изразува својот внатрешен свет на платното и рационалното-кога мора да се компонира секој дел на сликата. Всушност, тоа се однесува на поврзаноста на апстрактната поетска форма и поврзувањето со бојата, симболите, знаците и декоративно повлечените линии.
Марина Лешкова има своевидна перцепција во конструирањето на сликата, транспонирајќи ја во ликовен израз и не губејќи ја целосно врската со надворешниот свет, некаде повеќе во симболична форма. Имено, присуството на посткубистички форми, на геометриска апстракција, но и на навраќањето кон византиската уметност и средновековното сликарство, оваа уметница овие елементи ги воведува во еден свој сликарски амбиент во кој владеат архетипски претстави, знаци и симболи, трансферирајќи ги со сопствено чувство на однос кон мотивот и инспирацијата што таа го има во животот.
Потаму, основен постулат по којшто Лешкова поаѓа е композицијата и бојата, поставувањето на два елементи кои го толкуваат нејзиниот емотивен транс и кулминација на нејзините интимни чувства. Своите авантуристички патувања на умешен начин ги претставува во делата како што се на пример: „Летна средба”, „Медитерански амбиент”, „Раздвижени сетила (Триптих)” и сл.
Во некои други дела каде што е видливо повеќе присуството на златната и сребрената боја, иако Лешкова не внесува во имагинарен свет на блага метафизичка рефлексија, сепак јасно ја иницира наклонетоста кон едно изминато време кое често човекот го занемарува, време кое во нејзиното творештво остава силен печат со цврсто повлечена контурна линија насреде страсно обоена површина. Својот носталгичен дух и реминисценции за убавото минато време, Марина Лешкова го експонира низ енформелен приод во сликите, пристап со кој го дефинира сопственото кредо на поетско доживување на стварноста („Патоказ”, „Рајска врата”, „Низа од години” и др.).
Кај оваа авторка стилизираната форма и силен интензитет на боја се основни движечки сили во целиот процес на создавањето. Тие се јасна индикација за мошне смел ликовен профил кој го оживува штафелајното сликарство во светски рамки, но исто така, првичниот впечаток на монохромно прекривање на сликата како да не воведува во еден трансцедентален спокој кој го збогатува нејзиното ликовно проседе со нови димензии и аспекти на толкување.
Автор:Марија Стојческа