Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до Основното јавно обвинителство Прилеп поднесе кривична пријава против С.З. (56) од Битола, за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“ предвидено и казниво по член 144 став 3 од Кривичниот законик.

Имено, на 11 декември 2021 година пријавениот С.З., преку редовна пошта од АД Пошта на Македонија-подружница ЦРПС Прилеп, испратил едно писмо со заканувачка содржина до една амбасада во Скопје, додека на 20 и 22 декември 2021 година С.З. преку редовна пошта од АД Пошта на  Македонија-подружница ЦРПС Прилеп, испратил писма со сериозни закани по животот на Јавен обвинител од ОЈО за ГОКК Вилма Рускоска.

Исто така, на 17 јануари 2022 година преку редовна пошта од АД Пошта на Македонија-подружница ЦРПС Битола, пријавениот испратил писмо со сериозни закани по животот на Љубомир Јовески, Јавен обвинител на Република Македонија.
Како испраќач на сите писма пријавениот навел лица со навистинити генералии.

Веднаш по добиените пријави полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и СВР Битола, во соработка со Агенцијата за национална безбедност преземаа мерки и активности за расчистување на случајот.

Врз основа на издадени Наредби за претрес во дом и други простории од ОС Битола, на 21.01.2022 извршени се претреси на две локации на подрачјето на Битола, и тоа во домот на С.З. и во домот на неговата мајка Љ.З.. При извршените претреси се пронајдени и одземени мобилен телефон, лап-топ компјутер и предмети поврзани со кривичното дело.

С.З. е лишен од слобода и во ПС ОН Битола е извршен разговор со него, а по извршено графолошко вештачење од страна на ОКТИВ утврдено е совпаѓање на обезбедениот рачен ракопис од С.З. и рачниот ракопис во напишаните заканувачки писма. С.З. е приведен и со кривичната пријава ќе биде предаден на надлежното обвинителство.