Бројот на мртви во судирите оваа недела со Израел се искачи на 145, од кои 41 жртва се малолетни, објави палестинското Министерство за здравство.

Во соопштението се наведува дека повеќе од 1.000 лица биле повредени, пренесува „Тајмс оф Израел“.

Израел потврди дека авионите продолжиле со воздушните напади утрово на, како што наведоа, „воените цели на Хамас во Газа“, а припадниците на Хамас одговорија со истрелување 200 ракети кон Израел.

Сите меѓународни авиокомпании ги прекинаа летовите кон Израел од безбедносни причини, објави израелското државно радио Кан.

Новата ескалација на конфликтот меѓу Израел и Палестинците трае веќе шест дена, без индиции дека ситуацијата може да се смири, а размената на ракетни напади следеше по избувнувањето на немирите во близина на џамијата Ал Акса во стариот град во Ерусалим во почетокот на мај.