Владата го разгледа Извештајот на ЈП Национални шуми за штетите од пожарите заклучно до 15 август и во него се констатира дека од вкупно 9.907 хектари зафатени со пожарите, 8.803 хектари отпаѓаат на површини со шуми или завршиле во шуми, при што изгореле 442.074 метри кубни дрвна маса.

Согласно оваа информација, Владата го задолжи ЈП Национални шуми да донесе програма за пошумување со план за активности уште во текот на оваа есен.

Дополнително, Владата го задолжи ова јавно претпријатие целокупната количина опожарена дрвна маса како последица од пожарите да остане во сопственост и со неа целосно да стопанисува ЈП Национални шуми.

Врз основа на препораките на Главниот штаб за управување со кризи, Владата донесе одлука за укинување на забраната за движење во шуми и шумски предели, и ги задолжи Министерството за внатрешни работи и Шумската полиција при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да спроведуваат засилени контроли за заштита и спречување на пожари на отворено.