Физичките лица во иднина ќе се казнуваат со глоби од 200 евра ако спалуваат или закопуваат отпадни гуми, масла и друг вид отпад во природата или на патиштата.

Со казни од 150 евра пак ќе поминат оние граѓани кои фрлаат ѓубре кајшто ќе им текне, додека глоба од 50 евра е предвидена за поединците кои не вршат селекција на отпадот или не го одлагаат отпадот во посебните контејнери наменети за ова.

Овие ставки се само мал дел од казнените одредби во предложениот Закон за управување со отпад, којшто веќе неколку месеци се наоѓа во собраниска процедура.

Според ова законско решение, пластичните ќеси кои граѓаните ги купуваат во продавница, од 1 декември 2021 година ќе чинат 15 денари по парче, со што треба да се дестимулира купувањето на ваквите производи што ја загадуваат животната средина.