Со потпишување Колективен договор, штрајкот на Управата за водење матични книги е ставен во мирување, информира Министерството за правда.

Во иднина ќе се грижиме за унапредување на правата на вработените во Управата за водење на матични книги, а граѓаните од утре ќе може да ги користат услугите на Управата за водење матични книги – се вели во соопштението.

Како што истакнаа од Министерството, Колективниот договор ги утврдува критериумите за годишен одмор и неплатени отсуства, надоместоците на плата и други примања, исплата на регрес за годишен одмор, додатоци на плата, јубилејни награди и друго. Како право кое синдикатот и работодавецот го утврдија во овој договор е минималната плата да биде основна плата.