Во изобилство на интерпретации и дефиниции врзани за концепти кои се определуваат преку временски и општествен контекст, се чини дека се врзавме во херменевтичка апорија од која резултатот е продолжување на страдањата од вавилонската кула.

Користиме исти зборови кои очигледно за секој од нас поединечно или како припадници на одредено епистемолошко јадро (термин на Мишел Фуко), имаат различни значења.

Всушност зборуваме за исто, но реферираме на различни настани, личности и појави од стварноста.

Еден од термините кои немаат унифицирано значење е и терминот „терорист“. Ако сте јазички манирист, и значењата на зборовите ги барате во речник и знаете доволно етимологија, тоа нема да ви помогне да ја разберете широката лепеза на апликации што овој термин ја наоѓа во секојдневен, колоквијален, но и популарно-јавен дискурс.

Ако се обидете да разберете што се случи на 27ми април пред 4 години, од перспектива на тогашен сведок, или субјект, како и од денешна позиција, најмногу веројатно е дека ќе добиете контратни, па дури и контрадикторни заклучоци.

Многу луѓе беа осудени за учество во случувањата во Собранието за тој ден, една година подоцна, кога против нив беше покренато обвинение за загрозување на државниот поредок и учество во терористички акти.

Затворските казни кои ги добија беа енормни.

Во меѓувреме во Собранието се силуваше Устав, се избираше претседател на Собранието со кршење на сите можни процедури, се игнорираше волјата на народот кој со денови протестираше пред Собранието од страв дека ќе се случи она што и на крај се случи – промена на Уставот поради промена на уставното име.

Според реториката на едните, луѓето кои се обвинети за тероризам се „уставобраниети“ кои не заслужуваат казна, туку награда за нивното херојство и патриотизам, за другите тие се партиски платеници кои одработувале за партиската кауза и кои со своите дејства го загрозиле поредокот на државата.

Кои и да се, пресудата им го одреди епитетот на терористи, а дали станува збор за историска неправда, времето ќе го донесе судот, а не судиите и обвинителите кои сомнително го изработија случајот и го класифицираа како тероризам.

Добиените казни не кореспондираат со конкретниот акт.

Осудените одговараат како за убиство, без ниту една жртва во Собранието која можеше да настане во секој момент ако агендата и намерата беше таква.

Осудените манифестираа акутно и афективно насилство по својата природа, а одговараат за однапред испланирана и подготвена агенда со дополнителен рекурс.

Тоа што не можеше да се докаже потеклото и каналите по кои тие се најдоа во Собранието ги остави единствени виновцници за случајот, во кои се собра вината и тежината од целото дело.

Вистинските виновници не се само во затворите, иако оние кои се таму заслужено одговараат за насилство, но казната е поголема од самото дело. Тие одговараат за убиства без жртви.

Од другата страна, беа осудени за предизвикување на граѓанска војна и загрозување што значи и загрозување на уставниот поредок на Македонија.

Но истиот тој Устав по кој се судеше дејството на учесниците во 27ми април, се промени своеволно, со газење по волја на народот, со референдум без поминат цензус, само со срамна поддршка од меѓународната заедница, за промена на столбоносната ставка на уставот, имено уставното име.

Кој Устав го пресуди 27ми април и ќе се случи ли толкување на Устав кој ќе го осуди газењето на оној Устав кој веќе не постои и кои го третираа како никогаш да не постоел? За кој Устав ќе зборуваме и кои се вистинските терористи?

Оној поради чие дезертирање и од чии куршуми загинаа припадници на АРМ во 2001 година (но и многу цивилни жртви), тој крвав четврток престана да биде терорист и доби титула – највисок претставник на фундаменталната законодавна институција.

Крвавиот четврток роди нови терористи кои го сменија целосно значењето на зборот „терорист“ и ги испраа од тероризам сите теористи кои претходно ги знаевме како такви.

Постои изрека дека иднината е неодредена и полна со изненадувања, но всушност историјата е таа која за нас, во Македонија е чиста мистерија и полна со изненадувања. Ние сме генерација која од историјата направи консензус.

Наместо консензус за иднината кој треба да гарантира стабилност и просперитет, ние уште ги исправаме неправдите од минатото. И треба историските неправди да се исправат, но по мерката на правдата, на Дике, на Јустиција, на здравиот разум, на етичките парамтри, не треба историските непрпавди да се исправаат по мерилото на интереси кои преовладуваат во судирот за поголема моќ.

Затоа протестот насловен како „правда за уставобранителите“ не треба да се партизира, да се политизира, да се толкува преку идеоолошките дискурси на политичките партии и нивните гласноговорници, тој воопшто и не треба да биде дури ниту народен протест.

Протестите за правдата се само и чисто индивидуални, само осудените може да се борат да ја исправат историската неправда која најмногу се свали врз нив. Сето друго е само поддршка и не може да биде офанзива.

Борбата за правда може жртвите да ги направи џелати и џелатите жртви во секое време кога од борба за правда лесно се претвора во борба за интерес, гласачко тело или борба против власт. Појавите имаат многу повеќе потенцијали отколку актуалности во себе, затоа треба да ги гледаме и како развој, а не само како последица.

Жртвите на неправдата треба да говорат во свое име и не треба да дозволат никој друг да зборува во нивно име. Само така борбата за правда и разјаснување на околностите за 27ми Април може да добие на вредност. Се друго е чиста пропаганда!

Автор: Магдалена Стојмановиќ