Укинување на задолжителното поседување негативен ПЦР-тест или потврда за прележаност или вакцинација при излез од земјата и укинување на ослободувањето од работа за бремените жени предложи Комисијата за заразни болести.

Овие две мерки денеска на прес-конференција ги соопшти портпаролот на Комисијата, Злате Мехмедовиќ, кој посочи дека нив ги донела Комисијата денеска на состанок и ги доставила до министерот за здравство, а потоа тие треба да се проследат до Генералниот координативен кризен штаб и до Владата.

За првата мерка која се однесува на укинувањето на задолжителното поседување негативен ПЦР-тест или потврда за прележаност или вакцинација при излез од земјата, Мехмедовиќ рече дека тоа не значи дека во земјите каде што ќе биде потребно да се поседува ПЦР-тест или ковид-сертификат дека сте вакцинирани или прележани дека таму нема да се бараат, туку напротив дека при излез од земјава онаа мерка што беше воведена во текот на минатата година дека треба да се поседува или да се покаже на нашите гранични органи, таквата мерка се укинува.

Одговарајќи на новинарски прашања истакна дека за бремените жени досега беше мерката оти може да бидат ослободени од работа, но таа се укинува согласно препораките од релевантна институција и од примерите од светот во кои се препорачува бремените жени кои планираат бременост, се бремени или дојат да се вакцинираат и на тој начин да го заштитат своето здравје.

Препораките во светот се дека може да се вакцинираат и дека е безбедна вакцинацијата за бремените жени и дека е препорачлива и не само што е безбедна за да можат да бидат побезбедно нивното здравје не само да е поврзано со работниот процес, туку и генерално со движењето низ популацијата. Препораките што ги кажавме се однесуваат на унапредување на здравјето на бремените жени. Доколку сакаат навистина да го заштитат своето здравје и здравјето на своите деца тогаш најлогичното објаснување е дека треба да бидат вакцинирани – додаде д-р Мехмедовиќ.