Европската канцеларија на Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека пандемијата на коронавирус може да има непредвидливи последици што може да резултираат со зголемена дебелина кај децата.
Во извештајот од регионалната канцеларија на СЗО објавен во вторникот се вели дека затворањето на училиштата за време на карантинот може негативно да влијае на исхраната и физичката активност на децата, бидејќи тие немаат училишни оброци и училишни активности.
– Ковид-19 може да придонесе за влошување на еден од загрижувачките трендови во европската област на СЗО, а тоа е појава на зголемена дебелина кај децата – рече Ханс Клуге, регионален директор на СЗО за Европа.
Тој додаде дека прекумерната тежина и дебелината подоцна се поврзани со опасни по живот болести, како што се кардиоваскуларни болести, дијабетес и рак.
За да се избегне негативното влијание на коронавирусот врз иднината на децата, Клуге повика да се воведат научно базирани политики насочени кон промовирање на здрава исхрана и физичка активност, притоа мислејќи на воведување данок на засладени пијалаци, се наведува во извештајот.
Студијата спроведена во 36 земји покажа дека речиси едно од три деца во европскиот регион на возраст меѓу шест и девет години страда од прекумерна тежина.
Студијата покажа дека состојбата е најтешка во земјите од Медитеранот, иако во некои земји во последно време состојбата постепено се подобрува, на пример во Грција, Италија, Португалија и Шпанија.