Од Министерството за здравство (МЗ) наведуваат дека се намалува старосната граница на заразени од коронавирус кои развиваат тешка клиничка слика на болеста. Од таму наведуваат дека на удар на четвртиот бран се младите, а причина за сѐ поголемиот број заразени меѓу оваа популација е ниската стапка на вакцинација.

Меѓу последно евидентираните хоспитализиции и смртни случаи предизвикани од компликации на ковид-19 во земјава има сè повеќе млади лица, кои се на удар и во најголем ризик во четвртиот бран на пандемијата предизвикан од делта мутацијата на вирусот. Ниската стапка на вакцинација во рамки на младите групи е она што, за жал, е причина сè поголем број на заразени да бидат токму младите, кои доколку не се имунизирани можат да развијат тешка форма на болеста, која пак може да доведе до хоспитализација, а некогаш и до смртен исход – велат од министерството.

Од таму наведуваат дека недоволно високиот степен на имунизација, особено кај младата популација, е причина и за сè поголемиот број на хоспитализации во светски рамки.

Потпирајќи се на природниот имунитет и добрата здравствена состојба, младите лица ја одбиваат или пролонгираат имунизацијата, со што се изложуваат на значително висок ризик од инфекција, а во случај на заразување сè почесто развиваат и тешки симптоми и компликации, бидејќи не се соодветно заштитени – велат од МЗ.