Осми март повторно помина во знакот на машкото џентлменство, а не во знакот на женската историска борба да обезбеди елементарно достоинство. И овој Осми март, мажите побрзаа да покажат колку ги ценат жените со букети кои им ја кријат лицемерната насмевка од лицето, со клишеа од честитки кои веќе следниот ден немаат никакво значење и секако со целата препотентност дека еве жените имаат права и слободи благодарение на тоа што тие се согласни со нив.
И додека читавме различни интерпретации на машко-женските односи, кои повторно ќе кажам не се во фокусот на Осми март, многу жени признаа дека најмногу сакаат да уживаат во машкото внимание и изливи на џентлменство. Нормално е дека вниманието е пријатно чувство за секого освен кога не е претерано. Без разлика на тоа што мажите поради недостаток на нежна природа нема да го признаат фактот дека и нив женското внимание претерано им одговара, тоа не ја менува вистината дека е така.
Во суштина она што мене ми пречи многу повеќе од недостаток на машко внимание е претерано машко внимание. Навистина не ми годи кога мажот ми отвора врата од кола, во момент кога можам тоа да го направам и сама, не ми годи кога се тепа да ми ги земе кесињата од рака, не ми годи кога ми подарува ружи и се самопоканува на моите дружби со другарките, не ми одговара кога има слобода да ме фати за рака ако нема никаков повратен потврден одговор од моја страна. Едноставно, понекогаш мажите кои се џентлмени под велот на нивното внимание и душегрижност ги спречуваат сите автентични искуства на кои жената може и сака да биде изложена, па дури и тие искуства да се крајно непријатни.
Лицемерно е да ја гледате жената како мие садови со јаки хемии кои и ја оштетуваат кожата на рацете, а да се грижите за тоа дали некоја другарка ќе и забие „нож во грб“, оти тоа не е исконска грижа, тоа е потреба за контрола која сакате да ја претставите како грижа.
Без разлика на тоа што мажите со сите сили се обидуваат да им ја облечат на жените латексната облека од перцепции која ги гуши, а кон која многу жени се конформираат, дека тие се понежен и послаб пол, во суштина воопшто не е така. Жените во многу ситуации покажуваат дека се многу силен и издржлив пол. Од бременост, преку пораѓање, до доење, неуморна работа и партиципирање во семејниот буџет, до жртвување за семејството и најчесто прифаќање на стилот на живот кој мажот го имал пред жената да се всели во неговиот дом.
Се чудам како на некои жени не им пречи кога ќе ги наречат – понежна или поубава половина. Нека е и најсупериорно атрибуирана, половина си е половина, а јас ничија половина не сум, јас сум онтолошка целина сама по себе. Затоа тие лукави речениции кои не се тука да го покажат машкото џентлменство, туку женската инфериорност, слабост и зависност од мажите на ниту една жена не треба да и бидат пријатни. Мажите имаат многу повеќе животни прилики да покажат колкави џентлмени се одошто на Осми март со букетот рози. За почеток, најдобар начин да покажете дека некого почитувате е искреност, вистинитост и транспарентност.
Од лажни ветувања и златни кафези ниту една жена не излегла среќна и е неприфатливо тоа жените да го бараат, барем не во мое име. Јас не сакам маж кој ми носи кеси, кој ми отвара врата од кола, кој ми го експлоатира трудот по дома, на кого се мое му е малку, а се негово е премногу, кој ми создава илузии од рози и кој на крајот од денот сите заслуги си ги препишува себе, како вистински алфа мажјак. А секоја жена што сака да живее во свет на џентлменство какво што се покажува за Осми март од повеќето џентлмени не е дел од мојата борба.
Автор: Магдалена Стојмановиќ