Медиумите се важен чинител во демократските процеси. Тие овозможуваат информациите да протекуваат рамномерно, а пристапот до информациите и знаењето да биде слободен и еднаков. 

Но додека се зборува за функцијата и задачата на медиумите по дефиниција, паралелно се случуваат процеси на медиокретизација како директна последица од начинот на кој функционираат медиумите.

Порцесот на медиокретизација, односно создавање на просечни, осредни мислители, или осредно информирани и вклучени восприемачи на информации, ја убива критичката мисла во медиумскиот простор.

Се почесто забележуваме дека критичката мисла се сведува на кратки реченици во кои е вклучен говор на омраза, осуда, дискриминација, компримитирање на информацијата или ширење на непроверени информации и дезинформации. Во суштина во медиумскиот простор во Македонија во моментот има многу слобода и исклучително мала медиумска писменост.

Отсуството на стандардизација на медиумските содржини, уредувачка политика која е повеќе бизнис или демагошки ориентирана, актуелна информација како посакуван идеал и ексклузивност го монотизираат јавниот дискурс.

Отсуството на стандардизација наместо слобода на креативната мисла, донесува екстрема дека „се може да помине“. Па така во отсуство на критериуми, ни се чини дека е сосема во ред да се восприеми информација поделена во две реченици без да се одговорат суштински прашања – каде, кој, како, зошто и што и да се увери читателот во вистинитоста на изнесените податоци.

Уредувачката политика особено во приватните медиуми е бизнис ориентирана, додека во јавниот сервис таа е демагошки ориентирана. Имено, приватните медиуми се во трка на бројност, квантитет или маса а со тоа се сензационализираат, што автоматски значи шанса за остварување на бизнис интереси, додека јавните сервиси се под политички притисоци.

Актуелноста на информацијата е идеал на медиумите. Да е актуелна една информација значи да предизвикува интерес и да е тема од сегашен период, нешто што се случува во моментот и е од голема важност за сите. Но во момент кога јавниот дискусрс го обликуваат голем број на медиуми се ризикува една иста информација понекогаш и без никаква измена да ја прочитаме и проследиме во сите медиуми.

Една иста информација може да ја прочитаме во сите медиуми

Трката по ексклузивите исто така на површина вади и популаризира теми кои не секогаш се од јавно значење. На пример за ексклузива се смета тоа што јавна личност станала родител. Првиот медиум што ќе стигне го оваа информација ја има ексклузивата, но оваа информација не содржи јавен интерес. Поради трката по ексклузиви многу медиуми се занимаваат со сема ирелевантни прашања и стануваат таблоидни и производи на жолт печат.

Мал број од информациите во медиумскиот простор во Македонија прво се целосни, проверени и точни. Уште помал број се релевантни, а најмалку од нив се нови, свежи и информативни бидејќи може да се проследат насекаде. Буквално можеме да добиеме токсичен шок од монолитноста на информациите во јавниот простор.

Една информација се пушта во етер и таа се реферира безброј пати, поради што има парадоксален ефект.

Затоа не е тешко да се заклучи дека медиумите во денешно време имаат задача да создадат медиокритети, а не демократи. А кога во демократско општество имате само медиокритети, прогресивните и различни поединци дишат на респиратори. За нив нема место во таков свет. Затоа ова не е „златно време“ за генијалните луѓе!

Автор: Магдалена Стојмановиќ