Дошол докторот во домот на тукушто починатиот за да ја констатира причината за смртта. Ги прашал домашните дали починатиот, пред да почине, се потел.
Добил потврден одговор. Потоа, прашал дали пред да почине починатиот многу се потел. Повторно добил потврден одговор. На крај, ги прашал дали се потел навистина многу и обилно, како и по целото тело.
Домашните повторно потврдиле дека било токму така и никако поинаку. Кога го чул ова, докторот од радост потсконал, радосно плеснал со рацете и извикал:
Па, тоа било одличен знак дека болниот излегувал од кризата.
Така е и со Македонија – ги има сите знаци (така нѐ уверуваат) дека е на добар пат да излезе од кризата и конечно да се интегрира во сите евроатлантските структури, сеедно што од ден во ден тоне.
Тоа е, најверојатно, резултат од котвата која влече, само во обратна насока – надолу. Но, луѓе мои, битно е дека влече, исто како и со починатиот – битно е дека ги имал сите знаци дека оздравува.
А тоа што починал е друга работа. Битно е да се има позитивна насока и напон, макар биле пред експлозија, односно пред тотална смрт.
П.С. Треба да се чита Александар Зиновјев. Има многу што од него да се научи. Особено на планот на апсурдот и гротеската.