Оваа сабота (22.02) со почеток во 20:00 часот, во Социјалниот Центар Дуња во Скопје, ќе се одржи концерт на Амплидајн Ефект Трио.

Амплидајн Ефект е музички проект на Мартин Георгиевски, активен од 2009 година,
препознатлив по електронска и амбиентална музика, со акцент на импровизирани музички сесии.

Во изминатите години, проектот издаде бројни албуми и настапуваше на реномирани регионални и меѓународни фестивали, меѓу кои Похода (Словачка), Десонанз, Лајв Саундтрак (Белград), ToBeContinued (Италија), ПНЕМ Саунд Арт Фестивал (Холандија), Скопскиот џез фестивал итн.

Како трио, Амплидајн Ефект настапува заедно со Владимир Мартиновски (тамбура, кавал,удиралки) и Соња Димитриоска (флејта), создавајќи уникатна звучна фузија што води низ атмосфери на експериментална и амбиентална музика.
На концертот, триото ќе ги оживее музичките пејзажи од албумот Moribund Neighborhoods, издаден под белгиската издавачка куќа Transonic Records. Овој албум е збирка на композиции снимени дома или на самото место за време карантинскиот период, помеѓу 2020 и 2022 година.

Секое парче претставува микрокосмос, извлечен од импровизирани сесии, каде што синтисајзери, гитари и семплови се спојуваат во амбиентални звуци што патуваат низ различни констелации. Албумот рефлектира на малите борби за живот во услови на распаѓање на старите населби и (пост)ковид-крахот во Македонија и пошироко низ Балканот, но истовремено отвора прозорци кон еден посензитивен и посветол свет.
Белгискиот медиум TURBULENCES VIDÉO го опиша Moribund Neighborhoods како

Oрганска звучна атмосфера, балансирана меѓу психоделичен амбиент и кинематографско искуство, инспирирано од бетонската естетика на Скопје. Слушателот е повикан на нежна имерзија водена од кристални гитарски линии и електронски текстури. Во целина, Амплидајн Ефект успева да ја трансформира неизвесноста во аудиовизуелно „slow trip“ искуство што го впива слушателот во својот свет.

Овој албум и концерт се посветени на Филип Франк, директорот на Transonic Records, кој почина во јануари оваа година.

Влез: Препорачана донација за артистите.

www.ampeff.com
amplidyneeffect.bandcamp.com