Марк Шагал (еврејски сликар роден во Белорусија 1887-1985) е еден од оние модерни уметници кои ја следат традицијата, и тоа со современ приод кон ликовните проблеми овозможувајќи му да развие широка скала на можни решенија и резултати.
Имено, Марк Шагал е уметник кој поминал низ многубројни фази во своето авангардно творештво од реализам, поетски реализам, метафизички реализам, кубизам, фовизам, до симболично фигуративно сликарство, нижејќи ги стиловите така еден по друг во своевидна спонтана инверзија.
Таа инверзија, всушност, не е знак за колебање, туку доследност кон што авторот се стремел и го сметал за есенцијално, а тоа е рефлексијата и доживувањето на она што значи внатрешен одраз на надворешниот свет.
Во текот на својот живот покрај акварел и масло на платно, се занимавал и со многу други сликарски материјали: изработувал монументални таписерии, графики, мозаици, керамика, витражи со Библијски ликови (во Ерусалим, Њујорк и осиромашените цркви во Франција по војната), скулптури и фрески.
Во сликарството на Марк Шагал присутна е метафизичка реалност што ќе му даде печат на една ликовна авантура со метафоричен призвук која особено ќе земе замав во неговиот период на престој и работна инспирација во Франција.
Уметноста често знае за експеримент, но тука тој станува неминовност, составен дел на едно постојано барање да се долови нешто што постои во длабочината на таинственото постоење на човекот.
Во центарот на неговото внимание секогаш се наоѓа човекот, животното и архетипскиот амбиент со пагански особености во кој постои, без да ги психологизира или обременува ликовите.
Ликовниот израз и детското расположение постојано се во и низ целата слика, човечките и животинските фигури најчесто се претставени во необична јукстапозиција на дводимензионалност и лебдечка поставеност на платното, за кое се добива впечаток како да е слика без рамка т.е. како приказната да продолжува во недоглед без граница.
Најчесто,мотивите кои ја одбележуваат неговата сликарска имагинација се мотиви од живописни интимни реминисценции на селскиот живот, инспирација земал од белоруските бајки, од детскиот сон во кој уметникот цел живот опстојувал: сина месечина на виолетово ноќно небо, старец на кров, летечки харинги и љубовници, разиграни петли, селски куќи покриени со месечина и снег, детска љубов сокриена во шешир, улички и пазари врамени со куќички налик на кулиси пред кои се одигрува фолклорна претстава, мелодија на селски виолинист и сл („Јас и селото”, „Роденден”, „Виолинист”, „Синиот циркуз”, „За мојот вереник”, „Свадба”, „Куќата со зелено око”, „Крава со чадор за сонце”, „Паднат ангел”, „Мадона со санка”, „Пар на црвена позадина” и др.).
Меѓу другото, работел и прифаќал теми од еврејскиот религиозен живот, но и прифаќал проекти кои опфаќале сликање на големи ѕидови и холови на цркви.
Креативниот процес во создавањето на цртежот кај Шагал е уште повеќе препознатлив и по силната експлозија на боите, чисти, интензивни и блескави, зачувувајќи ја нивната изворност и хармонија што и дава на сликата една совршена хармонија, ведрина и рамнотежа.
На пример, сината не смее да ја задуши црвената, а тоа го постигнал со својата сликарска постапка во која водечка улога има контурната линија, неутралниот тон и колористичкиот знак.
Просторот во неговите дела повеќе станува далеку повеќе само како идеја, бидејќи слободно ја деформира формата, потоа автоматски станува носител на линеарниот ритам на композицијата и создава само сугестија на простор. Мошне силна импресија врз творештвото на Марк Шагал извршил сликарот Анри Матис, кој за непосредната врска помеѓу природата и човекот ќе изјави:
„Она за што сонувам е уметноста на рамнотежа, чистота, мир, без вознемирувачки и загрижувачки содржини, уметност која ќе биде средство за смирување и ублажување на напнатоста- нешто како удобна фотелја која ослободува од физичкиот замор”.
Во тој контекст, не случајно на платната на Шагал се чувствува повеќе радост отколку тага, во неговиот свет мотивите претежно лебдат и не паѓаат.
Доколку направиме поблизок приод кон неговото сликарство ќе можеме да забележиме една расплинетост на поетска еволуција на потегот со четката. Исто како и во поезијата, секој стих бара продолжение и конкретно решение, односно секој потег со четката го повлекува следниот со себе, исто како што римата го влече стихот. Тежнеејќи кон динамична хармонија, никој подобро од Шагал не ги разбирал боите, тој се движел кон создавањето на свој духовен свет и потекло на нештата, предметите и луѓето, ослободен од создавањето некаква митологија која ќе им овозможи на уметниците да изградат некаков однос со публиката.
Сликарството на Марк Шагал има спонтан карактер, чија смисла ја забележуваме во динамиката, непредвидливо и воопштено, во говорот и значењето на самата боја. Во него покрај декоративниот и симболичен ефект, најмногу се откриваат елементите на кубизмот и фовизмот, и тоа главно каде повеќе е присутно фигуративното, а во топлината на боите и нејзините соодноси се откриваат елементите на рускиот фолклор.
За фолклорот уметникот особено сведочи низ сите периоди на кретивниот творечки грч каде целта е да создаде едно совршено сликарство, една препознатлива арабеска извлечена од немирното поетско ткаење на линијата.
Автор: Марија Стојческа