Сликарството и цртачкото творештво на италијанскиот сликар и скултпор Амедео Модилјани (роден во Ливорно,Италија 1884-1920) зазема круцијално место во развојот на современата светска модерна уметност.
Неговите портрети и актови кои се карактеризираат со асиметричност во композицијата, со издолжени ликови и едноставна, номонументална употреба на цртачкиот нерв, се одраз на најзначајни портрети во 20-тиот век.
Основната определба во ликовниот израз на Модилјани е експресионизмот, преплетен со примеси на извесен реалистичен дух и симболизам. Во основа, за неговото творештво познато е дека главниот интерес е човекот, неговата личност и лик најчесто претставен со нагласен акцент врз социјално-психолошките моменти и интимното согледување.
Всушност, не бил професионален портретист т.е. за него портретот претставувал можност низ специфичните цврсти контурни линии на цртежот да го изолира ликот како скулптурален релјеф.
Најчесто, сликал портрети на личности од парискиот книжевен и уметнички свет, но исто така бил импресиониран и од сликањето на непознати луѓе, вклучувајќи портрети на слугинки, девојки од соседството, модели и сл. Она што е мошне впечатливо во неговите дела е квалитетот за богатото чувство за боја. Имено, веднаш паѓа во очи треперливиот заситен колорит, кој во компактни партии укажува на неговата сигурна смисла за компонирање на сликата, што е мошне видливо и во лесниот потег со кој ја ткае целата површина на платното.
На овој начин, авторот иницира извесна поетична вокација, која може да се огледа во заситената атмосфера и флуид со некаква постојана таинственост и меланхоличност во скулптурално креираните женски фигури. Впрочем, неговата постојана комуникација со современиците како што се Жорж Брак и Пабло Пикасо, ќе го направи уште повеќе интересен поттик за дефинирањето на неговиот ликовен дискурс, каде што доминираат форми на: лебедов или ноевски издолжен врат, издолжени овали, помалку издолжени торза, како и безизразни и празни очи (карактеристични само за Модилјани) во форма на бадем без ириси („Беатриса со шапка”, „Портрет на Кислинг”, „Маргарита”, „Девојче со плетенки”, „Портокалов акт”, „Седечки акт”, „Автопортрет”, „Лолита”, „Еврејка”, „Рејмонд”, „Портрет на Жана Ебитерн”, „Акт со перница” и др.).
Исто така, со помош на совршеното тонирање на пламените бои во црвенкасти тонови ја издигнува фигурата во древна апстракција на идол, што ја имплицира авторовата наколнетост кон црнечката скулптура со извесни магијски својства.
Да се надовзрам на една изјава според Вентури, според кој издолжените вратови не се производ на некакво барање, туку на некаква потреба за исповед: „Без таа карикирана исповед, сликарството на Модилјани не би било, односно не ќе може да биде едно од најдлабоките поетски интерпретации на човечкиот лик што го даде модерната уметност”.
Понатаму, во актовите доаѓа до израз волуменот, со меки, пречувствителни потези, изморени лица и изразени колкови, но со поголема густина на бојата во мешањето на зрелите и топлите тонови. Сензуалноста на личноста ја изразува преку големите бедра, и со самото тоа актот добива карактеристика на автентично супериорно еротско проседе особено во техничката изведба, со елементи на поетски сензибилитет и хроматска чиста материја.
Во подоцнежните дела особеностите како додавањето круг на издолжената фигура со розевкасти образи на личностите, со идеалната женственост и грациозноста на телата, ќе го издвои како единствен талент со скулптурален интегритет, хармонија на бојата и линијата, додека пак едноставната стилизираност на предметите во позадината се претопуваат хармонично во платното како една целина.
Амедео Модилјани со својот поетски и сликарски сензибилитет, како и покрај својот немирен и боемски краткотраен живот, остави силен печат на тн редок метеор над париското сликарско небо и симбол на романтичниот неред. Секогаш со чувства и симпатии кон сиромашните и беспомошните, ги сликал на негов препознатлив начин, такашто направил импозантен опус на меланхолични лица проткаени со лирска резигнација. Секогаш се жртвувал за сликарството и со својата крајно чивствителна природа ги идентификувал уметноста и животот. Живеел со моделите кои ги сликал затворајќи се сам со нив во ателјеата и црпејќи го од нив најесенцијалното, правејќи безброј цртежи, скици, со спонтано шарање по платното.
Впроечм, неговиот цртеж претставува израз на постојан порив, непосредно барање и сериски неконтролирани тонови на линијата. Како уметник со силен експресионистички и симболичен израз, влијаел на творештвото на многубројни уметници од т.н. Париска школа, но исто така, тој е поттик и за некои македонски сликари, како што е специфичната поетика на Никола Мартиноски особено за експресионизмот што го развил во низа свои дела во 30-тите години на минатиот век. Модилјани бил инспирација и за одделни дела на Димитар Кондовски, како и во дел од сликите на Миле Корубин.
Автор: Марија Стојческа