Кина официјално ги промени законите и им дозволи на паровите да имаат до три деца, со цел да го зголемат наталитетот, пренесува Би -Би -Си.

Ова е една од прописите што беше донесена на состанокот на Националниот народен конгрес во Кина.

Кина уште во мај објави дека ќе им дозволи на паровите да имаат до три деца, што е голема промена во таа политика.

Одлуката сега стана официјална, заедно со неколку други резолуции насочени кон зголемување на наталитетот и намалување на товарот за одгледување дете, објави кинеската новинска агенција Ксинхуа.

Резолуциите вклучуваат и укинување на казната што родителите треба да ја платат доколку имаат повеќе деца од дозволеното. Се проценува дека овие промени ќе ги охрабрат локалните власти да понудат породилно отсуство, да ги зголемат работничките права на жените и да ја подобрат инфраструктурата за згрижување деца.

Последните податоци во Кина укажаа на голем пад на наталитетот во земјата.

Во 2016 година, Кина ја укина децениската политика за едно дете и им дозволи на паровите да имаат две деца.

Сепак, ова не доведе до постојано зголемување на раѓањата.

Трошоците за одгледување деца во градовите ги одвратија многу двојки од Кина да имаат повеќе деца.