Карфиолот е богат извор на нерастворливи влакна, а содржи и витамини кои го помагаат имунитетот, згрутчувањето на крвта и здравјето на коските.
Освен тоа, само една шолја карфиол обезбедува повеќе од 75 проценти од препорачаната дневна доза на витамин Ц, поради што е одличен за имунитетот, метаболизмот и нервниот систем.
Содржи и 20 отсто од дневната вредност на витамин К неопходен за развој на коските и згрутчување на крвта, а содржи и значителни количини на витамин Б6, фолна киселина и калиум.
Карфиолот е полн и со антиинфламаторни соединенија кои му помагаат на телото да ги намали слободните радикали и оксидативниот стрес, а со тоа го намалува ризикот од хронични болести како што се срцевите заболувања, дијабетес тип 2 и ракот, објаснува за Real Simple диететичарот д-р Шерон Палмер.
Конзумирањето на храна богата со антиоксиданси и антиинфламаторни агенси како дел од здравата исхрана, како што е карфиолот, може да помогне во спречување и ублажување на хроничното воспаление и заштита на вашите клетки.
Една шолја карфиол содржи и околу 45 милиграми холин, што е десет проценти од адекватен дневен внес на холин, кој е клучен за неколку процеси во телото, како што се зајакнување на клеточните мембрани, синтеза на ДНК, развој на мозокот и одржување на нервниот систем.
Покрај антиоксидантните соединенија, карфиолот може да помогне во намалување на ризикот од рак, особено рак на дебелото црево, белите дробови, простатата и дојката, покажа истражувањето, благодарение на неговите глукозинолати, кои помагаат во борбата против оксидативниот стрес предизвикан од слободните радикали.