Од туѓите животни приказни може многу да се научи особено ако имате доволно отворен ум да ги слушате, промислувате и ги усвојувате внимателно советите на другите луѓе. Сепак, внимавајте на границата.

Преголемото усвојување на туѓите критики и совети може да придонесе за тоа да ја изгубите автентичноста и независноста која е важна за градење на вашиот идентитет.

Но овие неколку генерални совети кои ги даваат успешните луѓе, може да ги имате на ум, како патоказ:

Бидете самоуверени, но не си поставувајте превисоки цели

Успехот не доаѓа преку ноќ. Потребно е секојдневна работа и труд во насока на исполнување на вашите поставени цели.

Затоа верувајте во себе и охрабрувајте се самите, но не поставувајте цели кои не можете да ги постигнете за кратко време.

Бидете реални кон себе, тоа е најважно!

Бидете скромни, но борете се за себе  

Скромноста е карактеристика која ја имаат големите луѓе. Малите имаат потреба да се пофалат со работи кои не се реално достигнување и реткост, но големите се свесни дека нивните капацитети се многу над тоа.

Затоа бидете скромни, но не дозволувајте другите да покажуваат непочитување кон вашиот огромен труд, работа и успех, колку и за нив тој да е незначителен.

Најмалку што можете да направите е да ги отстраните таквите луѓе од ваше опкружување!

Повеќе љубов, а помалку пресметки

Љубовта кон работата е многу важна да се постигне успех. Само со присуство на љубов нешто и може да се третира субјективно како успех.

Не внесувајте многу пресметки во тоа што го работите, одете со срце и наградите ќе стигнуваат сами!

Мир по секоја цена

Луѓето кои како деца биле истиснувани од друштво или во семејствата (обично деца кои се второ или трето дете во семејството) научени се да се борат за својата позиција во семејството и во друштвото.

Таа борба за опстанок, многу погрешно и несвесно ја пренесуваат и во работната средина. Натпреварот може да биде стимулирачки, но многу бргу изморува. Затоа инсистирајте на тимска работа и позитивна работна атмосфера.

Не борете се за признанија или лидерство, борете се да ви биде убава средината во која работите, на тој начин ќе работите и постигнувате и повеќе!

Автор: Магдалена Стојмановиќ