В.д. директорот на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје Иван Илиевски денеска извести дека новата цена на метанот која на светските берзи порасна на 110 денари ќе се одрази врз работењето на претпријатието.

Како што појасни тој на денешниот брифинг, цената на метанот на 31.12.2021 година беше 50 денари за килограм, а новата цена е 110 денари. Со ова, разликата ќе биде околу милион евра дополнителен трошок за јавното претпријатие.

Ако лани се потрошиле со цената од 31.12., 55 милиони денари за метан, во 2022 ако се задржи нивото на метанот 110 денари, ако не оди погоре, ќе биде околу 121 милион денари или 60 милиони повеќе, негде околу милион евра разлика во цена што е голем удар за работењето на Јавното претпријатие, нагласи Илиевски.

Затоа, побара од Регулаторната комисија за енергетика да може да ја регулира цената на метанот, односно да се замрзне нивото на цената од декември и побара како единствена и најбезболна опција централната власт да субвенционира дел од разликата во цената.

Во овој момент барам помош и субвенција од Владата и исто така регулирање на цената на метанот за македонскиот пазар. Регулаторна комисија да се вклучи, да донесе некоја одлука за замрзнување на цените заклучно со цената на метанот на 31.12.2021 година, рече Илиевски.

Додаде дека доколку Владата не прифати да субвенционира дел од разликата во цената, ЈСП ќе побара дополнителни субвенции од Градот за да може да го надмине проблемот на работењето на претпријатието. Крајна опција, во случај да не ја добијат бараната помош е редуцирање на возниот ред.