Проф. д-р Анис Сефиданис предава на Факултетот за применети информатички науки, машинска интелигенција и роботика при Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид.

Сефиданис е автор на четири книги од областа на ИТ, меѓу кои Препознавање на облици со помош на вештачка интелигенција и основач на центарот за вештачка интелигенција кој во нашата држава го донесе првиот Суперкомпјутер на компанијата NVIDIA.

Во продолжение интегралната верзија на интервјуто што проф. д-р Анис Сефиданис го даде за порталот „Мој збор“:

  • Комјутерите се применуваат за масовна употреба. Денеска скоро и да нема домаќинство кое не користи комјутер, лаптоп, таблет или „паметен телефон“ во секојдневието. Овие уреди ни го олеснуваат животот, ни ја поедноставуваат комуникацијата, ни штедат време и ни користат во работата. Но се почесто се зборува и за злоупотреба на ИТ уредите. На пример тие го крадат нашето време, на децата им нудат виртуелни игри кои ги врзуваат за употреба на уредите долго време, ги користиме пред се за забава и разонода. Колку ти, како стручно лице кое се занимава со ИТ и нејзина имплементација, внимаваш на етичките аспекти во (зло)употребата на ИТ уредите?

Сефиданис: Како и секоја друга технологија, компјутерот и останатите „паметни уреди” можат да бидат злоупотребени од страна на човекот. Тоа што нѐ прави поранливи во однос на ИТ технологиите е моќта на истите да ги преминат физичките бариери, како и да креираат алтернативна реалност.

Сајбер булингот, заедно со многу други форми на онлајн насилство, за жал претставуа секојдневие во виртуелнит свет, а социјалните медиуми свесно применуваат вештачка интелигенција за масовно таргетирање на моделите на однесување кај човекот, со цел за максимизација на економската придобивка без притоа да се поведе сметка за страничните ефекти врз менталното здравје на поединецот.

Секој предизвик на човековата еволуција претставува колективна одговорност, па затоа треба да се фокусираме на превенција преку едукација на крајниот корисник за правилна употреба на новите технологии, како и воведување на меѓународни стандарди за дизајн и развој на дигитални продукти.

Моја препорака е при секојдневната употреба на ИТ уредите да се следи општото златно правило на перенијалната мудрост, а тоа е умереноста. На тој начин ќе можеме континуирано и долгорочно да ги користиме придобивките на новите технологии, без притоа да си наштетиме себеси и воедно да ги стигматизираме технолошките иновации.

 

  • Колку употребата на ИТ уредите прави промена во секојдневната комуникација? Стануваме ли отуѓени од другите бидејќи повеќе преферираме посредувана комуникација со помош на ИТ уреди одошто лице во лице комуникација? Дали употребата на ИТ уредите во комуникација не прави осамена генерација или е метод да се лекува осаменоста?

Сефиданис: Непосредната комуникација се загуби првенственио поради нашата зголемена мобилност, при што постојано ги напуштаме мрежите на контакти во физичкиот свет.

Виртуелниот свет нуди можности за дирекна и синхрона комуникација независно од нашата географска локација, но сепак несомнено е дека живееме во ера на хронична осаменост.

Јас мислам дека тоа се должи првенствено на фактот што во нашата комуникација сѐ помалку се присутни содржини со значење.

На социјалните мрежи има преголема сатурација на податоци кои ретко имаат некаква содржина, па така се креира Data Smog, со што ја губиме видливоста на информациите кои му даваат смисла на светот околу нас и нашиот живот.

Новите технологии на тој начин играат значајна улога во оттуѓувањето, преку (полу)автоматско креирање и дисеминација на магла од податоци, во комбинација со лажни вести и искривени слики за реалнота.

Но не треба да заборавиме дека истите технологии спасуваат и милиони животи дневно, благодарение на можноста да бидеме поврзани во единствена глобална мрежа, преку која можеме да споделиме содржини од суштинско значење за нас и да најдеме луѓе кои ќе нѐ разберат.

Треба да се вратиме на основите на нашата комуникација, каде главната цел е разбирањето, и да внесеме смисла во секоја порака независно на медиумот. Бидејќи осаменоста не е ништо друго освен неприфаќање, а воедно не постои подобра форма на прифаќање од разбирањето.

  • Ако можеш да дадеш предвидување на имплементацијата на ИТ во комуникацијата, може ли да заклучиш дека ќе имаме во иднина СМАРТ соговорници кои вушност се софтверска алатка во нашите таблети или телефони, кои со нас ќе разговараат, на кои ќе им ги раскажуваме нашите дневни активности, можеби ќе не потсетуваат кога треба да испиеме лек, или во колку часот имаме закажано состанок (референца филмот Her)? И дали сметаш дека таквиот тип на комуникација не роботизира како вид? 
  • Дали човекот е способен да создаде Вештачка интелигенција која ќе е посовршена од него – во смисла да прави попрецизни мерења, да има поголем капацитет за меморија, да го уредува својот живот согласно организациските шеми на ВИ? Па дури и подобро да игра шах од најдобриот шахист? Или можеби сметаш дека широката употреба на ВИ ќе придонесе за кршење на првиот закон за роботика на Асимов бидејќи никој не може да гарантира дека ќе може да биде успешно контролирана?

Сефиданис: Познатиот холандски информатичар Едсгер Дајкстра ќе каже:

Прашањето дали компјутерот може да размислува е еднакво на прашањето дали подморницата може да плива.

Вештачката интелигенција веќе прави попрецизни мерења од човекот, по пат на комплексни пресметки од повисок степен, таа располага со неспоредливо енормен капацитет за складирање на податоци преку директен пристап до cloud инфраструктури, а веќе успешно ги оптимизира и сите наши процеси на менаџмент, логистика и проценка.

Пред 25 години компјутерот на IBM по име Deep Blue го победи светскиот шампион во шах Гари Каспаров во натпревар од шест игри.

Во 2015 година, компјуерскиот програм AlphaGo на Google, го победи светскиот шампиот во Го со резултат 5-0 за вештачката интелигенција.

Тоа што фасцинира е дека „Го” претставува стратешка игра многу посложена од шахот, поточно со 250 на 150та или 10 на 360та можни потези, број поголем од вкупно сите атоми во универзумот.

Во меѓувреме новиот ВИ систем на IBM именуван Watson, стана шампион на квизот „Jeopardy!” каде одговараше на отворени прашања поставувани од човек, во конкуренција на претходни светски шампиони.

Сето ова звучи фасцинантно и воедно застршувачки, но да не заборавиме дека пливањето и нуркањето се две сосема различни дисциплини, така што ВИ сеуште не може да компонира музика ниту приближно како Бах или да слика како Пикасо.

Иако заканите на ВИ се реални и предупредувањата на Асимов треба да се сфатат сериозно, сметам дека сѐ уште сме многу далеку од општата интелигенција и секоја еуфорија ги преценува нашите досегашни резултати од истражувањата, креира нереални очекувања во индустријата, а воедно ја стигматизира и целата научна област.

  • Дали ВИ може да има независна свест? Дали може стручњаците да гарантираат дека со ВИ нема да создадеме паралелен матрикс или свет на ВИ која ќе покрене револуција против својот креатор?

Сефиданис: Светиот грал на вештачката интелигенција е да се креира свесна машина и тоа останува долготрајна цел на оваа област. При обидот да го достигнеме овој сон, веднаш се судираме со проблемот каде најнапред треба да ја дефинираме „свеста”, за да можеме потоа да најдеме соодветен математички опис за истата.

Проблемот со дефинирањето на свеста се состои во тоа што за да дефинираме нешто мора да користиме свест, па така се судираме со древната слика на змијата која си го јаде сопствениот опаш. Од друга страна, постојат мноштво дефиниции за тоа што е „интелигенција”, меѓу кои две се популарни помеѓу академската заедница.

Едната е таа која вели дека „интелигенцијата е способноста на системите да се прилагодуваат” а другата дека „интелигенција претставува можноста на системите да предвидуваат”. Јас ја пропагирам втората и верувам дека со антиципација на промените во околината системите преживуваат и се усовршуваат, а ВИ веќе докажува дека го прави тоа многу (по)добро од нас.

Историјата се повторува, така што според мене приказната за судирот на модерниот човек и роботот ќе заврши исто како и таа помеѓу Хомо Сапиенс и Неандерталецот. Ултимативно ќе мора да се споиме во еден супер-род, со што ќе избегнеме било какво апокалиптичко сценарио, а воедно ќе ја акцелерираме нашата еволуција исполнувајќи ја трансхуманистичката визија.

Ќе бидеме најдобри и во пливање и во нуркање, а ќе отклучиме и многу други врати зад кои се кријат нови искуства на нашето битствување. Можеби ќе треба и да се откажеме од нешто, но кога во историјата на нашата еволуција со откажувањето сме станале нешто помалку?

  • Што мислиш за роботика на база на обновливи избори на енергија? Дали таа ќе им обезбеди поголема независност и непречено функцонирање на роботите без да мора да се грижиме дали им се испразнети батериите и дали имаме покривање на електирчна енергија?

Сефиданис: Човекот е битие со ограничена рационалност и поради тоа постојано креираме глобални кризи на природни ресурси. Земете ја за пример само злоупотребата на блокчејн технологијата преку неконтролираното рударење на криптовалути.

Јас лично верувам дека роботите многу подомаќински би управувале со ресурсите на оваа или друга планета, а со тоа ќе можат и на нас да ни обезбедат многу повисок и порамноправен стандард за живеење. Независноста на роботите не може да произлезе од ресурсите што тие би ги имале на располагање, бидејќи независноста доаѓа исклучиво од идентитетот, со кој евентуално роботите би можеле исто така да се стекнат.

И во тоа мислам дека всушност се сокрива нашиот најголем страв. Уште при самото концепирање на роботот, ние сме му избрале име кое етимолошки произлегува од терминот „роб” и кое потоа ќе стане меѓународна кованица инкорпорирана во сите светски јазици. Имено, терминот „Робот” има словенски корен, прв пат се јавува во научно-фантастичната драма „Р.У.Р. – Росумови Универзални Роботи” на чехословачкиот писател Карел Чапек и опишува машина со вештачка интелигенција.

Сцена од драмата “Р.У.Р. - Росумови Универзални Роботи” на Карел Чапек, објавена 1920 година
Сцена од драмата “Р.У.Р. – Росумови Универзални Роботи” на Карел Чапек, објавена 1920 година

Да биде уште потрагична приказната, во нашата визија за поробување на машините кои слободно размислуваат и имаат самосвест, на истите сме им дале антропоморфен изглед, па сега нѐ прогонува кошмарот од неминовниот бунт на угнетените.

Вештачките интелигенции се како деца, тие ги апсорбираат матриците и погледите на светот кои ние им ги пренесуваме. Доколку има нешто што нѐ заплашува кај роботите, мора да знаеме дека истото го носиме во нас самите, и ако не го трансцендираме ќе се манифестира во безброј други облици.

Вештачката интелигенција всушност може да ни помогне во таа трансценденција, бидејќи во нејзината есенција таа претставува интерфејс преку кој можеме да се спознаеме самите себе. Роботите, тоа сме ние…

Интервјуто го реализираше: Магдалена Стојмановиќ

*Преземањето на содржини од порталот „Мој збор“ не е дозволено без дозвола на уредникот