Кога Индонезија завчера ја почна кампањата за масовна вакцинација против ковид-19, претседателот Џоко Видодо беше првиот што се вакцинираше. На 59-годишна возраст тој беше на работ на старосната-граница за вакцинација. А потпретседателот Маруф Амин (77) беше сметан за престар за имунизација, пишува „Вашингтон пост“.

Ова е резултат на стратегијата на Индонезија, според која вакцините треба да бидат резервирани за лицата помлади од 60 години, која е во спротивност со практиката во повеќето држави, кои прво ја вакцинираат повозрасната популација.

Владата на Индонезија го образложи поинаквиот пристап. Властите се загрижени поради недоволното истражување во однос на тоа како вакцинацијата ќе влијае врз повозрасните.

Особено бидејќи во крајната фаза на тестирање во азиската држава со население од 270 милиони не беа вклучени оние над 60-годишна возраст. А властите одлучија и дека вакцинацијата на младите е најдобар начин да се сузбие ширењето на вирусот.

Индонезискиот министер за здравство Буди Гунади Садикин кажа дека владата цели кон „оние кои полесно можат да се заразат и да го шират коронавирусот“.