Навистина се уличните кучиња најголем проблем на хипокритичниот човек, на кој му смета гладниот пес што моли за малку храна додека тој јаде хамбургер од мешано месо во плескавица од 400 грама.
Да беа кучињата, извор на јестиво месо сигурно ќе беа собрани во некоја фурна околу која ќе се радуваа дузина гладни очи чии резерви на сало тежат скоро половина од нивната основна конституција.
Да беа уличните кучиња свињи, крави или овци, веројатно ќе беа сместени во мали боксови 2 на 2 во кои имаат простор само да стојат, јадат во бесконечни количини како би можеле ние да јадеме мрсничко месо и ќе биваат вештачки рамножувани до изнемоглости. Статусот на тие животни сигурно никогаш нема да ве заинтригира, оти хамбургерот од 7ца е навистина многу вкусен. Ама да се грижевте вие за луѓето, кои сте полна уста приговори кон оние што се грижат за кучињата, ќе знаевте дека секојдневно бутање хамбургер од 7ца и суров конзумеризам се најголемите непријатели и извори на смрт на човекот во 21век.
Исто така кучињата воопшто не би ви биле проблем доколку можете да ги продадете, да ги вклучите во трговија со миленичиња, да направите од нив некој бизнис. Кучињата со педигре многу често се под силна контрола, но не и заштита, од нивните сопственици, ама уличното куче не можете да го продадете за педигре, месо или волна.
Кучињата се најмалото загрозување за животот на луѓето. Процентот на луѓе убиени од кучиња е незначителен во однос на процентот на убиени луѓе од луѓе. Ако малку ја прочепкате психологијата на сериските убијци ќе видите дека во раното детство најголем број од нив биле склони да убиваат и малтретираат малецки мачиња и кучиња. Затоа, апелот да се елиминираат животни отсекогаш ми создава горко чувство на небезбедност и потреба за дистанца од оној што го изјавува тоа. Има причинско-последична врска во потребата за убивање на животни и убивање на луѓе, макар и таа да е потенцијална.
Растот на одгледувачниците на домашни животни со јестиво месо е правопропорционален со хуманизмот во 21век. Во МекДоналдс фармите кои не ви се пред очи може да се случува терор на животните, ама ако видите болно, гладно или исплашено куче малтретирано од човечки џукели, тоа ви е тешко за гледање нели? Ви ја нарушува зоната на комфор, ве трга од заблудите и спектаклот во кој живеете гледајќи естрадни магазини и лажен сјај на гламур. Да прогласете ги учичните кучиња за небезбедни, а луѓето кои се грижат за нив за луди, така најдобро функционира механизмот на селекција во кој изигравате богови и на крај гинете од ногата на лажниот пријател, а не од вилицата на уличното куче кое ве лаело!
Автор: Магдалена Стојмановиќ