Творештвото на Димче Николов (роден во Битола 1953-1998) одигра значајна улога во развојот на Македонската современа графика во 70-тите години од минатиот век.
Графиката, како специфична и често неразбирлива ликовна дисциплина бара темелни истражувања , пред се, во областа на науката, математиката, технологијата и др. Преопознатливиот стил на Николов е впечатлив и во неговата преокупација преку техничкото умножување на сликата со помош на матрица, како и умешноста за репродуцирање.
Додека класичната уметност се потпира и восхитува со својот тн питом мимезис и поетска естетика, апстрактната уметност настојува да добие совршен склоп на обликот и бојата (црно-бело), композиција во која слободната линија е основниот чинител за креирање на геометриските форми: круг, квадрат и триаголник. Така делото е сведено на минимален ликовен израз. Присутна е разновидност во однос на техничкичките и стилските особености што е резултат на неговиот експериментален приод при создавање на делото. На пример, во однос на техничкиот ликовен дискурс својата ликовна преокупација ја изразува преку примената на класичните графички техники: линорез, сува игла, бакропис, литографија и акватинта, а стилските еементи ги презентира низ постоењето на формата во дисперзиран облик и црно-бел апстрактен концепт, кој е во тесен контакт со претставеното, изразувајќи ги, пред се, своите внатрешни и интимни вредности.
Во линолеумите со енергично повлечени црни линии Димче Николов укажува на можни асоцијации на некакви природни појави или предмети („Остатоци”, „Предел”, „Без наслов” и др.), како и енформелното напластување на слоеви во кои се крие своевидна таинствена знаковност и отпечатоци само нему познати. Во развојниот процес интересна и впечатлива е чистата ликовност што најдобро може да се забележи во литографиите со пулсирачка изведба на валерските тонови насликани само со еден единствен елемент-линијата („Предел 1″, „Предел 2″).
Уметничката везилка на овој мајстор е составена од сложени знаци, лавиринти, калиграфски линии расфрлани црни точки и форми, кои, впрочем, се сродни на авангардните движења на современата ликовна сцена во Европа и и Америка во 20-тите години на минатиот век (Концептуална уметност, Мондријановиот неопластицизам или Геометриска апстракција, Конструктивизам и др.).
Во цртежите во техника бакропис присутно е динамично вибрирање на просторот, а во работењето на графичките листови со релјефно креираниот регистар на полутонови и нијанси нанесени врз сива површина, ја доловува треперливоста на самите листови.
Во суштина, идеолошкиот и културолошки постулат на Николов може да се согледа во мошне високата, прецизна и точна математичка пресметка на хоризонталните, вертикалните и паралелни линии и други честички и форми, со кои се обидува да го трасира патот помеѓу дематеријализацијата на предметот и сведување на делото во концепт (субјект-уметник). Овој уметник само со јаглен и молив успева да го задржи чистиот однос на елементите и појавите во делото, кои иако изгледа како да егзистираат самостојно во одреден простор, сепак тие се поврзани во единствена целина која нема почеток и крај.
Оттука, творештвото на Димче Николов е од исклучителна важност и влијае врз досегашната точка на гледање, мислење и изразување во графичката ликовна техника. Притоа, придонесе за силно влијание во индивидуалното и слободното толкување на изведбениот момент на структурата на делото, како и мошне импозантно ја имплицира примената на графичката уметност во идниот ликовен стремеж и развој на македонската современа уметност, но и пошироко.
Автор: Марија Стојческа