Од денеска дел од тимот, лекари, медицински сестри, волонтери од Црвениот Крст, од повеќе пунктови во Здравствен дом Скопје е префрлен во А1 СЦ „Борис Трајковски“ со цел да се зголеми пристапот до вакцини за граѓаните и сите кои сакаат да се вакцинираат, по зголемениот интерес за вакцинација во изминатиот период. Во функција е малата сала која денеска ја посети министерот за здравство Венко Филипче. Тој изјави дека моментно значително расте интересот за вакцинација помеѓу младата популација.

Во последниот период значително расте интересот за вакцинација на помладите групи на граѓани, од 18 до 40 години и сега таа бројка изнесува некаде околу 170.000 граѓани, што е според анализите 26 отсто од вкупното население во тие возрасни групи. Во просек околу 10.000 граѓани се вакцинираат дневно, а близу 700.000 се опфатени со прва доза, од кои 510.000 граѓани се ревакцинирани – кажа министерот Филипче