Европската комисија денеска го одобри договорот со фармацевтската компанија „Валнева“ за набавка на речиси 27 милиони дози од вакцината против ковид-19 во текот на 2022 година.

„Валнева“ е осма компанија со која Комисијата склучи договор за набавка на вакцини против Ковид-19. Претходно беа потпишани договори со „Астразенека“, „Санофи-ГСК“, „Јансен Фармасетика НВ“, „Бионтек -Фајзер“, „Кјурвак“, „Модерна“ и „Новавакс“.

Договорот со „Валнева“ им овозможува на земјите-членки да купат речиси 27 милиони дози вакцина во 2022 година. Според договорот, вакцината може да се прилагоди на нови варијанти на вирусот, а земјите-членки можат да нарачаат до 33 милиони дополнителни дози во 2023 година.

Договорот овозможува вакцината да се прилагоди на нови варијанти. Нашето широко портфолио на вакцини ќе ни помогне во борбата против Ковид-19 и неговите варијанти во Европа и пошироко. Пандемијата сè уште не е надмината. Секој што може нека се вакцинира, изјави претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лејен.

Штом Европската агенција за лекови ќе прогласи дека е безбедна и ефикасна, вакцината на „Валнева“ ќе биде уште една опција во нашето широко портфолио на вакцини – рече комесарката за здравство, Стела Киријакидес.

„Валнева“ е европска биотехнолошка компанија која развива вакцина со инактивиран вирус кој се добива со хемиска инактивација на жив вирус. Станува збор за традиционална технологија за вакцини, која се користи веќе 60-70 години, се базира на примена на воспоставени методи и е многу безбедна. Се користи во производството на повеќето вакцини против грип и многу вакцини за деца. Во моментот таа е единствената вакцина со инактивиран вирус против ковид-19 која е во фаза на клинички испитувања во Европа.