Поради екстремниот пораст на бројот на сиромашни луѓе во светот, Обединетите нации повикуваат на итни, значително повисоки инвестиции во вработувањето, одржливиот и социјалниот инклузивен развој, укажувајќи на огромниот раст на нееднаквоста.

Во извештајот се наведува дека само од март до декември 2020-та година, богатството на светските милијардери се зголемило за 3.900 милијарди долари, додека бројот на екстремно сиромашни луѓе се зголемил за најмалку 119 милиони.

Виртуелниот форум ќе ги собере шефовите на држави и влади, лидерите на меѓународни организации и мултилатерални развојни банки, како и лидери на работодавачи и синдикати од целиот свет.

Темите на форумот ќе бидат конкретни акции и ефективни институционални аранжмани за подобрување на одговорот на меѓународната заедница на разорните ефекти од пандемијата и растечките економски нееднаквости помеѓу и внатре во земјите.

Клучна тема ќе биде повикот на Обединетите нации за глобална промоција на вработувањето и социјалната заштита за правична транзиција, кој беше претставен на Генералното собрание на ОН на крајот на септември минатата година.

ОН иницираа нова платформа „Глобален акцелератор за вработување и социјална заштита“ со цел да се отворат 400 милиони нови работни места во светот и да се опфатат четири милијарди луѓе кои денес се незаштитени.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш повика на забрзана акција во областа на вработувањето и социјалната заштита за да се избегне нерамномерно глобално закрепнување и да се спречат некои идни кризи слични на пандемијата. Тој предупреди дека длабоко нееднаквото закрепнување ќе ја поткопа довербата и солидарноста и ќе го направи светот поранлив на идни кризи, вклучително и ефектите од климатските промени.

Се проценува дека поради пандемијата во 2021-ва година имало 75 милиони работни места помалку отколку пред кризата, додека за оваа година се предвидува недостиг од 23 милиони работни места со полно работно време.