Јана Манева-Чупоска (родена 1970 во Скопје), со ликовните тенденции на одамна постоечки и свежи дела перманентно ја потврдува својата зрелост како солиден пример за слободното интерпретирање на богатата имагинација нанесена на платното.

Во низата на многубројните нејзини дела се издвојува циклусот цртежи под наслов „Поврзување” кадешто главен акцент е ставен на анатомското креирање на човечкото тело поставено во своевидна геометриска мрежа. Како ликовен уметник таа е исклучително систематична во сите творечки фази, пулсирајќи со свој експресивен импулс, спонтано движење на линијата и сопствени законитости на создавањето што ја иницираат специфичната надреално-сонлива и симболична игра на фигурите.

Лајтмотив за нејзиниот творечки процес е првото разумно суштество кое го користи своето тело (симболично од првите почетоци на настанокот на светот) за егзистенцијални потреби-човекот, такашто прави обид да ја продлабочи и трансформира очигледноста на телото во нешто што е невидливо за нашето око, а тоа е внатрешната убавина на истото.

Навлегувајќи во опусот, од една страна, може да се забележи присуство на посебен занес преточен во чудна спонтана подаденост на фигурите во пар, а од друга страна, во суптилното одделување на делови од телото може да се почувствува една надреална атмосфера која е показ за медитативната состојба на авторката при цртањето.

Јана Манева-Чупоска со својот ликовен јазик храбро ја искажува единствената вистина во целокупниот развој на историјата на уметноста, а таа е:телото претставува совршена машинерија кое преку движењето и гестикулацијата ја изразува секоја емоција, расположение и еротска енергија што е, впрочем, вечна преокупација на голем број уметници низ вековите (почнувајќи од Ренесансата па до 20-тиот век).

Всушност, тоа може да се пронајде во првите академски наобразби за човечкото тело– акт(от). Во некои цртежи посебен акцент посветува на конструктивното градење на делото во кое главен чинител е енергичната и треперливата линија која функционира во границите на математички пресметан простор.

Имено, со нејзина помош се насетува и доближување на суптилно извиените и понесени тела кон овоземните радости, но и болката од стравот за понатамошното живеење во овој космос (Адам и Ева).

Оваа уметница особено внимание обрнува на неколку детали вметнати во цртежот (маска, прстен, огледало, коцка, дрво и сл.) со митско-ритуални и енигматични особености кои совршено се вклопуваат во еден виртуелен свет наоѓајќи ги никулците во богатиот трезор на оваа творечка свест.

Исто така, низ играта на линијата таа ја покажува својата детерминираност кон онтолошката природа на човекот, чии составни компоненти се: радост и тага, мир и немир, отсликувајќи го внатрешниот порив и емотивен набој на индивидуата.

Она што е интересно да се напомене е присуството на гротеската во ликовите што укажува на опсервација на човековото битисување–постоење и опстојување, истовремено, во реален и иреален свет.

Потаму, она што се разликува од нејзините претходни дела е циклусот уникатни творби под наслов „Портретни сеќавања” низ кои е евидентен нејзиниот дискретен шарм, со рамки, контури, но и низ нишка-преку конец, влакно и тантела обвиткано со маглина којашто поттикнува една светлосивкаста прозрачност и флуидност.

Станува збор за монохроматски фасцинантни цртежи инкорпорирани во разнолични објекти. Тука преовладува тоналитет на сепија, хибридно вткаена во црно-бел фотографски свет, означена често со специфична орнаментика.

Несомнено во овие камерни објекти на филмско проектирање на пози од ексклузивен споменар претставени се машки и женски лица отелотворени со нивните скриени судбини.

Во микро светот на оваа авотрка очигледна е една ретроспектива која се повикува на минатите два милениума, па и поодамна, како да создава татковина на предци на обезмеѓен кафез помеѓу древното и моменталното.

Сеопфатно, цртежите на Јана Манева–Чупоска говорат за експресивен творец кој поседува извонредна смисла за студиозен пристап и техничка изведба, архитектонско градење на композицијата и еклектично поврзување на главниот мотив–човекот.

Ваквата замисла овозможува сплетот на линијата да ги соедини одделните горенаведени детали во автентична, хармонична, духовно кохерентна целина која завзема значајно место во естетиката и ликовната култура на нашето поднебје, но и пошироко.

Автор: Марија Стојческа