Истражувањата веќе безброј пати докажаа дека сопствениците на домашни миленици имаат пониски нивоа на стрес и понизок крвен притисок. Сега доаѓа уште една добра вест. Научниците потврдија дека миленичињата можат да не заштитат од губење на меморијата како што старееме, пишува Живим.
Сопствениците на кучиња, мачки и зајаци одржувале подобри когнитивни способности во текот на шестгодишниот период кога научниците ги следеле.
Во истражувањето учествувале повеќе од 1.300 луѓе со просечна возраст од 65 години, а 53 отсто од учесниците имале домашни миленици, а третина од таа група имале миленици повеќе од пет години.
Во текот на истражувањето, учесниците добија задача да запаметат листа од 10 зборови. Истражувачите побарале од нив да ги повторат зборовите веднаш откако ќе им бидат кажани, а потоа повторно по пет минути.
Исто така, тие требало да бројат наназад од 20 и од 100 со одземање седум од секој број. Долгогодишните сопственици на домашни миленици се чини дека ги имаат најдобрите когнитивни способности затоа што постигнале најдобри резултати на овие тестови.
Зошто? Научниците го поврзаа ова со доказите дека стресот влијае на когнитивното опаѓање, а сопствениците на домашни миленици доживеале помали дози на стрес, а со тоа и подобри когнитивни способности.
Исто така, сопствениците на кучиња редовно оделе на прошетки, а многу пати е докажано дека вежбањето е поврзано со подобро здравје на мозокот.
Истражувањето го спроведе Медицинскиот центар на Универзитетот во Мичиген, а авторите на студијата изјавија дека луѓето со подобри ментални вештини имаат поголема веројатност да имаат животни бидејќи можат да се справат со повеќе барања.
Претходните студии сугерираа дека врската меѓу луѓето и животните има здравствени придобивки како што се намалување на крвниот притисок и стресот. Нашите резултати сега укажуваат дека сопствениците на домашни миленици имаат и заштита од когнитивно опаѓање – изјави др. Тифани Брејли, менаџер за истражување.