Февруари е месецот на пресврт кога се работи за пандемијата на вирусот со ковид-19 во Европа. Како што стапките на смртност паѓаат, голем европски земји делумно или целосно ги укинуваат мерките кои се воведоа за да се скроти вирусот, а здравствените власти не размислуваат ниту да ги укинат задолжителните маски кај децата до 10 години.

Македонија се уште го чека пикот во петтиот бран, прв во кој е доминантен послабиот омикрон сој, но мерките никако да попуштат, а иницијативата за укинување на сертификатите која ја покренаа еминентни доктори и епидемиолози е здравствено неоправдана за Комисијата. Во овој бран, укинато е носењето маска на отворен простор и намалено е времето на изолација од десет дена на седум дена.

Еве во кои 14 држави важат новите мерки:

  • Данска

Данските власти донесоа одлука дека ковидот не спаѓа во категоријата „критични болести“ и од 1 февруари ги укинаа сите ограничувања. Ковид пасошот ќе биде неопходен само за влегување во земјата од странство.

Четврта доза на вакцина ќе биде достапна на оние Данци кои сакаат да се заштитат за да можат да живеат без маски и карантин.

  • Велика Британија

И покрај високиот број на новозаразени во Велика Британија, граѓаните од крајот на јануари немаат обврска да носат маски и карантинот за заразени е укинат.

„Водете сметка за своите блиски и околината“, им е советувано на Британците кои лани работеа најчесто од дома.

  • Австрија

Земјата која усвои закон за задолжителна вакцинација сега ја менува стратегијата. Сите мерки воведени поради ковид ќе се укинат на 5 март, соопштија властите. На сила ќе остане само мерката на носење маска на одредени места, а зелените пасоши ќе станат минато.

Првиот бран попуштања е најавен за 19 февруари кога рестораните и хотелите ќе ги отворат вратите и за невакцинираните со негативен тест. За заразените кои немаат симптоми се укинува карантинот, а маски ќе се носат само во јавен превоз и супермаркети.

  • Словенија

Слободата стигнува и на Балканот со оглед на тоа дека премиерот на Словенија, Јанез Јанша потврди дека следува период на ублажување на мерките.

Епидемиолозите и другите стручњаци предложија укинување на ковид потврдите за влез во банка, пошта, маркет и единици на државната управа, како и олеснување за угостителите и училиштата каде што сега има редовни тестирања на ученици кои во училница седат со маски.

  • Словачка

Здравствениот систем на Словачка добро функционира и покрај новиот бран на пандемијата поради што властите одлучија да заборават на ковид-сертификатите. Тие веќе не се потребни за влез на јавни места а до крајот на февруари ќе се зголеми и бројот на луѓе кои можат да седат во една затворена просторија.

  • Белгија

Оваа земја неодамна премина од црвена во портокалова зона, што значи дека рестораните и пабовите можат да работат цело работно време, а децата помали оd 12 години нема повеќе да носат маски.