Долготрајното робување и лошото раководење можат толку да го збунат и да го унаказат сфаќањето на еден народ, па здравиот разум и вистинскиот суд кај него се тенчат и слабеат, што целосно се искривуваат. Таков пореметен народ не само што не може да го разликува доброто од злото, туку ни својата сопствена корист од очигледната штета
-Иво Андриќ
Во еден пасус на Андриќ е собрано се што ни се случува во изминатите 32 години како народ во политички плурална Македонија.
Само овде нема ни дете (како во приказната на Андерсен) да извикне дур го глас држи:
Царот е гол!
А царот е гол одамна, ама ние сме сите и голи и боси!
Но нејсе , да се навратам на поентата на ова мое пишување-зошто молчат интелектуалците?
А што е интелектуалец? Што е тоа образован човек?
Интелектуалец е човек со свој став, човек кој мисли со своја глава, кој има способност и талент, кој е високо ценет во општеството.
Интелектуалци има ама се скриени во глувчешки дупки, интелектуалци има ама став јас не гледам.
Гледам само партиски октроирани индивидуи кои имаат титула но се седнати во скут на разно разни бандити кои ни ја управуваат/ле државата!
Дали се тие образовани?
Ако ја земеме најпростата дефиниција за образование што би рекол познатиот српски академик Владета Јеротиќ – образован човек е оној човек кој има образ, тогаш ние како држава сме најнеобразована нација!
Почнувајќи од академиците на МАНУ и завршувајќи со секој еден кој себе се смета за интелектуалец, сите ние сме одговорни за дереџето на кое се наоѓа Македонија!
Од прв до последен, затоа што со нашиот молк, со главите пикнати како ноевите во песок, премолчено дозволивме рушење на сите морални, образовни, семејни и сите други вредности.
Беше сега веќе далечната 2001 година, седиме во студентскиот дом „Гоце Делчев”, млади студенти меѓу кои имаше и еден другар од Скопје. Беа во тек случувањата во Арачиново, па разговаравме околу тоа , кога во еден момент другарот од Скопје ни вика: „Абе дај што се замарате далеку е Арачиново!” Далеку на 10 km воздушно од Скопје?
Таа реченица ја отсликува и ден денес ја отсликува матрицата на размислување на секој просечен македонски интелектуалец.
Се некој друг треба да се одважи и да каже став, друг да се бори за правда, друг да ни ги чисти дворовите!
Причините за молкот на интелектуалците се:
Обезвреднување на образованието, при што со тоа што секој може да заврши факултет, неговото его и амбиција растат! А добро е познато диплома без интелект носи огромна самодоверба, при што во нивната болна амбиција ќе изгазат се пред себе. Па така стануваат лидери на партии, премиери а вистинските интелектуалци или заминуваат во странство, или се продаваат за личен интерес или молчат.
Промовирање на негативната селекција и спроведување на диктатура на просекот, при што секој што ќе каже различен став по автоматизам се декларира за непријател (не дај боже да каже различен став од партискиот) и против него се чопорисуваат цела орда квазиинтелектуалци и од него прават будала.
Еден паметен во сто будали ќе биде будала за будалите!
Партизацијата на секоја пора во општеството, избирање на полтрони на врвни позиции со цел да климаат со главите, што би рекол нашиот народ „од наше дете” си патиме ама сите ќе си платиме.
Кој порано кој подоцна или па цехот ќе биде испорачан на нашите деца!
А партиите се управувани од еден центар наречен олигархија , која со грабеж на се народно направи капитал и сега размножувајќи го капиталот околу себе збира само медиокритети, кодоши и глупаци!
Огромната корупција, немањето право и правда, што би рекле србите кај нас важи поговорката „два лоша убише Милоша” , ако искажеш став веднаш ќе те обесат!
И конечно, самите интелектуалци, нивната податливост за пари, за моќ, нивната острастеност, нивниот пад.
Нема успех без борба господа како што нема ни љубов без жртви!
А за тоа треба визија и храброст, чесност и искреност и огромна љубов кон оваа наша света македонска земја.
Ја имаме ли?
Или уште ќе ја раскажуваме приказната за кубурот и ќе се водиме по народната поговорка – „Наведната глава сабја не ја сече”?
Не што ја сече туку и наведната и понижена умира!
Или вакви какви што сме не заслужуваме држава!
Автор: Гоце Кузески, Професор по физика